Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези, осомничен дека преку социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на премиерот Христијан Мицкоски.
Постапката е поведена поради основано сомнение за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Обвинителството побарало притвор, имајќи ги предвид околностите под кои било сторено делото, ризикот од бегство, како и претходното однесување на осомничениот. Според обвинителството, тој претходно се јавувал како сторител и на други кривични дела од областа на насилниот криминал, меѓу кои насилство и лихварство, а имал и повеќе прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
Од Обвинителството наведуваат дека, врз основа на обезбедените докази за неговото претходно однесување, станува збор за конфликтна личност која често влегувала во расправии, упатувала закани и учествувала во физички пресметки.
Според проценката на обвинителот, постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици, поради што до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.

