Пропаднато јавно-приватно партнерство е проектот „Македонско село“

Државата и општините наплатиле околу 1,5 милиони евра од надоместоци по основ на јавно-приватни партнерства, додека на приватните фирми исплатиле речиси двојно повеќе – приближно 3 милиони евра. Ова го покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за периодот од 2017 до 2024 година.

Во овој седумгодишен период биле склучени 68 договори за јавно-приватно партнерство, иако бројката може да биде и повисока поради несоодветна евиденција. Ревизијата опфатила 25 постапки, во кои приватните компании вложиле околу 37 милиони евра.

Сепак, колкав бил влогот на државата не може прецизно да се утврди, бидејќи тој најчесто не е паричен – се однесува на дозволи за градба, согласности, отстапено земјиште, објекти и опрема.

Ревизорите укажуваат на сериозни недостатоци – не само во самите процеси на склучување и спроведување на договорите, туку и во законската рамка. Не се спроведува редовно следење и мерење на ефектите од партнерствата, поради што не може да се утврди нивното вистинско влијание врз јавните услуги и инфраструктурниот развој.

Во 80% од анализираните постапки имало само еден понудувач. Договорите често се со слаби одредби, без предвидени казнени мерки, што остава простор приватниот партнер да не ги испочитува своите обврски.

Посебен пример за прекршување на законот е договор за партнерство склучен на 96 години, иако правната рамка дозволува максимум 35 години.

Во моментов се водат судски спорови во кои приватни компании тужат државни институции за долгови во износ од речиси 3,9 милиони евра.

Како примери за пропаднати партнерства се наведуваат проектот „Македонско село“ во Скопје, каде што државата вложила скоро 5 милиони евра без изглед за поврат, како и проектот за туристички инфо-центри во Полошкиот регион од 2021 година – државата обезбедила киосци, но поради непрецизен договор, приватниот партнер ги користел за комерцијални намени.

Најчитано