48-годишен жител на село Долно Седларце, тетовско, е приведен по пријава дека во повеќе наврати барал пари за да не објави приватни фотографии и видеозаписи со експлицитна содржина, соопшти СВР Тетово.
Полициски службеници од Отсекот за компјутерски криминал го лишиле од слобода З.Ѓ. на 7 септември, откако жена од Тетово пријавила дека тој и уште едно лице неовластено споделиле и објавиле нејзини приватни фотографии и видеозаписи кои потекнувале од периодот кога биле во врска.
Според пријавеното, во изминатите две години 48-годишниот во повеќе наврати барал од неа парични средства со закана дека во спротивно ќе ги објави снимките.
Со судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени мобилен телефон и лаптоп компјутер.
Осомничениот е задржан во полициска станица. Од МВР информираат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна кривична пријава.

