Со распит на градежните вештаци денеска продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, а со ова рочиште се очекува да заврши изведувањето на доказите на Обвинителството. Во пожарот од 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На претходното рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет Горан Марковски изјави дека вештачењето покажало целосно нефункционирање на системот, институциите и поединците и непочитување на стандардите, регулативата и процедурите.
Според наодите на тимот од Градежниот факултет, во објектот биле преземени „нула мерки“ за противпожарна заштита и немало ниту еден прописен излез за евакуација. Просторот, според неговата површина, можел да прими 363 гости, додека критичната вечер во дискотеката имало повеќе од 600 посетители.
Вештачењето покажало и дека во објектот бил вграден стиропор кој при горење испушта токсичен чад и горливи капки. Промените на другите материјали, деформираната челична конструкција и стопените стаклени шишиња укажувале дека температурата во клубот достигнала најмалку 800 Целзиусови степени.
Марковски посочи дека вештаците не пронашле докази оти биле преземени мерки што можеле да ги намалат последиците – ниту преку соодветни материјали и документација, ниту преку лиценцирани изведувачи, стручен надзор и контрола.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
