Албанија има амбициозна цел – да ги заврши преговорите за членство во Европската унија до 2027 година. Ова денеска го изјави албанскиот премиер Еди Рама по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, што се одржа во Брисел.
„Решени сме да ги исполниме сите обврски и да го затвориме преговарачкиот процес до 2027 година“, рече Рама. Тој нагласи дека Албанија отвора нови поглавја во преговорите и дека тоа е „добар ден“ за земјата.
„Ова е исклучително важно и многу охрабрувачко за нас. Му благодарам на претседателот Кошта за неговата мудрост и поддршка кон Албанија и целиот регион“, додаде премиерот.
Кошта: Проширувањето е геополитичка инвестиција во мирот и стабилноста
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја потврди заложбата на Унијата за проширување со земјите од Западен Балкан.
„Проширувањето е најважната геополитичка инвестиција во мирот, стабилноста и напредокот на европскиот континент“, изјави Кошта. Тој го пофали напредокот на Албанија и најави отворање на повеќе поглавја со Тирана до крајот на годината.
„Имаме јасен распоред и сакаме да напредуваме. Ова е значајно не само за Албанија, туку и како порака за целиот регион“, истакна Кошта.
Тој најави дека средината на мај ќе ги посети сите шест земји од Западен Балкан, во рамки на подготовките за Самитот на Европската политичка заедница што ќе се одржи на 16 мај во Тирана.
„Европа е повеќе од Европската унија. Единството ни дава сила, а на светот му е потребна посилна Европа“, заклучи Кошта.
Четврта меѓувладина конференција со Албанија во Луксембург
Подоцна денеска, во Луксембург, ќе се одржи четвртата меѓувладина конференција меѓу Албанија и ЕУ. На конференцијата ќе започнат преговорите за едно од најзначајните поглавја – внатрешниот пазар, што вклучува:
слободно движење на стоки, работници и капитал,
право на основање и слободно давање услуги,
трговско право, интелектуална сопственост,
политика за конкуренција,
финансиски услуги и заштита на потрошувачи.
Албанија формално ги започна суштинските преговори со ЕУ во октомври 2024 година.