Промената што Тимчо Муцунски ја изнесе во јавноста не е мала реторичка корекција, туку удар во срцето на четиригодишниот наратив на ВМРО-ДПМНЕ за „францускиот предлог“.
Во 2022 година Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека „Преговарачката рамка го вклучува и протоколот каде изричито се содржат барањата“ и дека токму преку тие обврски Македонија ќе биде турната во процес на „бугаризација“, при што тие барања беа врзувани со обврските што, според нив, произлегуваат од преговарачката рамка. Денес, пак, Муцунски вели дека „протоколите не се составен дел од Преговарачката рамка“, со што практично ја руши сопствената партиска конструкција врз која ВМРО со години градеше отпор кон европскиот процес.
Спротивноста е уште поочигледна ако се погледнат и ставовите на Гордана Сиљановска-Давкова, која јавно кажа дека тоа што е запишано во Протоколот „станало дел од Преговарачката рамка и од заклучоците“. Значи, врвот од актуелната власт претходно тврдеше дека протоколите се вградени во европскиот пакет, додека сега шефот на дипломатијата тврди дека не се негов составен дел. Ова веќе не се нијанси, туку политичко повлекување од сопствените зборови.
Токму затоа новата линија на Муцунски мора да се чита како сигнал дека нешто се подготвува. Ако со години протоколите беа претставувани како клучен доказ дека францускиот предлог е стапица, а денес се релативизира нивното место во рамката, тогаш тешко е да се избегне сомнежот дека однадвор се подготвува нова понуда, ново толкување или нова формула за деблокада на процесот. Прашањето не е дали ВМРО-ДПМНЕ го сменило јазикот. Прашањето е зошто го сменило токму сега. Или, можеби, ставот го менува само Муцунски, од причини кои ќе ни станат подоцна низ политичките разврски во земјава?
Како стигнавме од „бугаризација“ до „интерпретација“?
Во 2022 година ВМРО-ДПМНЕ ја водеше кампањата против францускиот предлог со максималистичка реторика. Мицкоски го отфрли предлогот со „Не, благодарам“, а партиските и на нив блиските медиумски настапи го претставуваа предлогот како директна закана за идентитетот, историјата, културата и јазикот. Во таа пропагандна политичка презентација, протоколите не беа некаков спореден документ, туку централна алатка преку која се тврдеше дека “Бугарија ќе ја контролира македонската европска патека” па дури и дека преку фамозните протоколи ќе се бугаризирал македонскиот индентиет.
Денес, истата таа политичка линија е разлабавена. Сиљановска-Давкова отвори простор за правна и политичка интерпретација на протоколите, велејќи дека е можно тие и погрешно да се толкуваат во домашната јавност, иако во исто време самата кажа дека „штом станало дел од Преговарачката рамка“ фактичката состојба не може лесно да се игнорира. Муцунски деновиве оди чекор подалеку и вели дека протоколите воопшто не се составен дел од рамката. Така, ВМРО-ДПМНЕ од наратив на закана преминува кон наратив на толкување, а од категорично „ова е вградено во рамката“ кон „ова не е дел од рамката“.
Дали Мицкоски се соочува со понуда што „не се одбива“?
Во промената на пораката и на тонот која ни ја презентира Муцунски има повеќе од семантика. Таа наликува на подготовка на терен за можен нов аранжман, нешто што во јавноста веќе се опишува како модифициран или проширен предлог за одблокирање на процесот. Рацин.мк во своите претходни анализи веќе посочуваше дека, ако ВМРО-ДПМНЕ добие модифициран „француски предлог“, тогаш топката е на нивен терен и тие можат сами да го изгласаат. Оттука, до заклучокот дека се подготвува понуда што политички тешко ќе може да се одбие, има само еден чекор.
Но многу извесна е и спротивната опција: ВМРО-ДПМНЕ сепак да ја одбие и таа понуда. Тоа би било добро познатиот “вмровски модел” од историјата на независна Македонија. Mомент во кој партискaта калкулација за исходот на следните избори повторно ќе надвладее над државната одговорност. Кога власта не испорачува економски, социјални и институционални резултати, националната конфронтација станува најлесниот политички ресурс, а инаетот кон Бугарија единствената алатка за мобилизација на сопственото гласачко тело.
Дали ДПМНЕ повторно нема да има проблем да избегне одговорност?
Тука лежи суштината на проблемот. Ако ВМРО-ДПМНЕ повторно избере да ја одбие можната европска понуда, тогаш тоа нема да биде чин на државничка принципиелност, туку уште едно бегање од одговорност за иднината на земјата. Исто како и многупати досега, ќе се избере политичкиот комфор на “отпорот” наместо тешката обврска да се преземе ризик за државата.
Тоа би било особено проблематично ако новата понуда навистина носи побрза и пореална интеграција за Македонија во ЕУ – историски исчекор што го посакуваат три до четири од пет македонски граѓани. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ би морало да објасни зошто вчерашната приказна за „протоколите во рамката“ денес се заменува со приказна за „различни интерпретации“ и со тврдење дека протоколите не се дел од рамката, а утре можеби и со ново „патриотско“ одбивање. Граѓаните заслужуваат да знаат зошто ВМРО им создава ваква политичка какафонија за клучното прашање од кое зависи иднината на на оваа и на идните генерации.
Тест за целото општество, особено за мобилизацијата на опозицијата
Ако дојде до такво одбивање, тестот нема да биде само за власта. На тест ќе бидат ставени граѓанското општество, опозициските партии и сите албански партии и други етнички партии во Македонија. Граѓанското општество ќе треба да покаже дали е способно да артикулира јасна проевропска позиција (без да се плаши неосновано да биде обвинета за предавничка) кога власта повторно ќе се обиде да ја затвори јавноста во етнонационален страв. Опозициските партии ќе треба да решат дали имаат капацитет за сојуз околу реален државен интерес, а не само околу дневна критика на Мицкоски и не околу тоа која групација треба да го води СДСМ.
Албанските партии, пак, ќе се најдат пред најчувствителното прашање од сите: дали европската интеграција за нив е реална политичка кауза или само изборна фраза. Ако тие останат пасивни во момент кога Скопје би можело повторно да ја пропушти шансата за деблокада, тогаш и тие ќе станат дел од одговорноста за новото одложување. Во таков развој, темата за ЕУ повеќе нема да биде само дипломатски процес и надворешна политика, туку реален тригер за нова општествена промена по однос на прашањето дали Македонија ќе биде успешна држава или не.
Можно е токму ова да биде последната реална шанса Македонија да се врати на сериозна европска траекторија. Не затоа што Брисел нема да испрати уште некоја порака или понуда, туку затоа што секоја следна понуда ќе биде полоша, а секој неуспех ја прави државата помалку веродостојна, а домашната јавност поуморна и поцинична. Ако и оваа шанса биде потрошена во уште еден круг на партиски инает, Македонија ризикува повторно да остане заглавена како вечен кандидат и внатрешно поделено општество кое не може да произведе минимален консензус за сопствената иднина.
Оттука, прашањето не е само дали ВМРО-ДПМНЕ го менува ставот за францускиот предлог. Прашањето е дали таа промена е вовед во прифаќање на реалноста или само подготовка за уште едно “историско НЕ” на Христијан Мицкоски. Ако се случи второто, тогаш одговорот ќе мора да дојде однадвор од власта: од граѓанското општество, од македонската опозицијата, од албанските партии, од партиите на останатите етнички заедници и од секој политички чинител што разбира дека ова можеби е последниот воз што државата може да си дозволи да го испушти.
!!! Важно појаснување: Разликата помеѓу рамка и протокол…
Клучен елемент што често се губи во јавната дебата е прецизната разлика меѓу тоа што е обврска според Преговарачката рамка и што е содржано само во протоколите од т.н. Француски предлог.
Во самата Преговарачка рамка и во заклучоците на Советот на министри на ЕУ, кои се составен дел на францускиот пакет, стои изразената волја на Македонија за уставни измени. Тоа е обврска што македонската страна ја презема директно преку рамката, а не (само) преку протоколите. Тоа значи дека уставните измени не се „измислена“ обврска на протоколите, туку дел од самата архитектура на преговарачкиот процес што ја одобрија сите земји-членки.
Протоколите, пак, содржат друг вид одреднициа пример, охрабрувања историската комисија да изнајде решенија за отворени историски прашања. Но тоа охрабрување не е обврска, токму затоа што протоколите не се формален дел од Преговарачката рамка. Оттука и произлегува клучниот аргумент дека нема реален ризик од „бугаризација“ преку историската комисија: прво, бидејќи таа комисија не произлегува од обврска во рамката, и второ, бидејќи самата комисија е составена од претставници на двете страни, што значи дека не може да усвои заклучоци без согласност на македонската страна.
Оттука, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ и на еден дел од граѓанскиот сектор низ годините (дека протоколите носат директна закана за идентитетот преку историската комисија) губи сериозен дел од своето првично оправдување, штом самите протоколи не создаваат правно обврзувачки механизам надвор од рамката. Истовремено, уставните измени остануваат единствената реална обврска што произлегува од Преговарачката рамка, а не од протоколите, и таа обврска не го загрозува македонскиот идентитет, бидејќи во Уставот веќе се препознаени шест други етнички заедници.
Оваа дистинкција дополнително ја засилува тезата за политички пресврт: ако протоколите навистина не создаваат обврска надвор од рамката, тогаш четиригодишниот наратив на ВМРО-ДПМНЕ за „бугаризација преку протоколите“ бил пренагласен или погрешно поставен уште од почеток, додека вистинската и единствена обврска, уставните измени, секогаш произлегувала од самата рамка, не од протоколите.
