Македонската машка одбојкарска репрезентација денеска го почнува својот четврти последователен настап на Европските првенства. Првиот предизвик за избраниците на селекторот Јошко Миленкоски е домаќинот Бугарија, а натпреварот ќе се игра од 19 часот во арената „8888“ во Софија.
Македонија ја очекува исклучително тешка задача против селекција која е актуелен светски вицешампион и која ќе ја има поддршката од домашната публика. Сепак, во македонскиот табор најавуваат максимална борба, дисциплинирана игра и пристап со „ладни глави“ од првиот до последниот поен.
Селекторот Миленкоски претходно оцени дека Македонија се наоѓа во најтешката група на првенството. Покрај Бугарија, противници на „црвено-жолтите“ ќе бидат и актуелниот европски првак Полска, Украина, Португалија и Израел.
Првите три натпревари против Бугарија, Украина и Полска ќе бидат големи тестови за македонската репрезентација, додека главните шанси за резултат и борба за следната фаза се гледаат во пресметките со Португалија и Израел. Сепак, од националниот тим порачуваат дека однапред нема да се откажат од ниту еден натпревар.
Во составот на Македонија има и четворица дебитанти на европските првенства – Давид Стојанов, Кристијан Илијев, Михајло Мирасчиев и Филип Јованов. Тие ќе настапат покрај искусните репрезентативци кои беа дел и од претходните континентални собири.
Македонија дебитираше на Европското првенство во 2019 година, настапи и во 2021 година, а во 2023 година беше еден од домаќините и првпат успеа да ја мине групната фаза. Четвртиот последователен пласман претставува потврда за континуитетот на оваа генерација и за местото на македонската одбојка меѓу најдобрите европски селекции.
Европското првенство се одржува од 9 до 26 септември во Бугарија, Финска, Италија и Романија, а на него учествуваат 24 репрезентации.

