Делови од рекреативната зона Кркардаш, над населбата Баир во Битола, повторно прераснуваат во дива депонија. Несовесни граѓани го наполнија каналот крај земјената патека над црквичката „40 маченици“ со ѓубриште. Исфрлени се мебел, куфери, кујнски апарати, прозорци, колички, облека, обувки, храна… Депонијата ја загадува природата и ги револтира битолчани што се рекреираат на ридот.
„Пораснати сме под Кркардаш. Порано местово беше чисто, со багремова и борова шума. Шумата во последниве 15 години изгоре во неколку наврати. Место шума добивме поле. Потоа во близина на ридот никнаа дивоградби. Откако се појавија тие, се појави и ѓубрето. Доаѓаат со запрежни коли и го фрлаат во каналот. Надлежните чистат, тие повторно фрлаат. Порано имаше шумари, сега нема, нема патроли, не се поставени камери, никој не е казнет. Мора да има казни“, велат баирчани.
Во изминатите години во повеќе наврати при денови на екологијата, на пролетта, при викенд генералки и други акции, Општина Битола и јавното претпријатие „Комуналец“ ги чистеа дивите депонии на Кркардаш. Но, тие повторно се создаваат. Минатата година беа организирани и акции за подигање кабаст отпад.

Од „Комуналец“ ни одговорија дека повторно ќе преземат мерки во текот на следната недела и ќе го исчистат каналот.

Од политичката партија Левица преку Советот на Општина Битола имаат поднесено проект „Рекреативна зона Кркардаш“. Целта е да се уреди и да заживее ридот на Кркардаш и да се заштити од станување складиште на диви депонии. Во проектот се предвидени: поставување рампи на влезовите на пешачката зона, со цел спречување на одлагање секаков отпад и правење диви депонии, простор за велосипедска патека, поставување улично осветлување, канти за отпадоци, реконструкција на каналот за атмосферски води и друго.
Од Општина Битола имаат најавено уредување на рекреативната зона. Но, на терен нема конкретни активности. Веќе втора година со ред изработката на урбанистички и основен проект за градежно земјиште за рекреативна зона Кркардаш е дел од Годишниот план за јавни набавки на Општина Битола.
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
