Леон БакраческиLeonBУреди профил
Измените на Изборниот законик сè уште се предмет на преговори меѓу политичките партии, изјави вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.
Според него, по промената во Министерството за правда има нови напори за постигнување договор и усвојување на законските измени, но процесот сè уште не е завршен.
„Тој закон беше едногласно прифатен од повеќе политички партии кои се дел од Собранието, меѓутоа во последен момент две партии се повлекоа и не ги поддржаа измените. По промената во Министерството за правда има напори за усвојување на законот, но тоа сè уште е во фаза на преговори“, изјави Сали.
Тој не прецизираше дали во меѓувреме се одржани нови средби меѓу претставниците на власта и опозицијата.
Прашањето за Изборниот законик беше отворено и на последната собраниска координација. Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека, доколку постои политичка подготвеност, работната група и координаторите на пратеничките групи треба да ги продолжат разговорите.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, претходно порача дека очекува заеднички став од опозициските партии СДСМ, ДУИ и Левица, по што власта е подготвена да разговара за заедничко решение.
Сали беше прашан и за подготовката на новиот Кривичен законик. Тој рече дека новиот министер за правда работи и на ова законско решение, оценувајќи дека станува збор за процес кој бара поширок политички консензус.

