„Градот Тетово има почнато нова процедура за менување на имињата, според прописи и закони што се актуелни и во сила. И тоа менување ќе биде во интерес и на граѓаните и за почитување на благосостојбата во Тетово и другите градови. Постапката ќе биде запазена и Тетово ќе ги врати имињата на улиците и плоштадот“, изјави денеска Беким Сали, генерален секретар на ВЛЕН и прв вицепремиер во Владата, пред настанот со кој Вреди одбележа две години од работењето како дел од владината коалиција.
Сали ги оцени како политички протестите на ДУИ пред два дена во Тетово, со кои изразија несогласување со одлуката на Уставниот суд. Со транспаренти во рацете, веејќи албански знамиња и извикувајќи пароли, граѓани на Тетово пред 2 дена излегоа на протестен марш во Тетово против одлуката на Уставниот суд со која се укина преименувањето на дел од улиците и плоштадот во градот, одлука што во 2007 година ја донесоа тогашните општински власти.
Откако Уставниот суд ја укина одлуката на Општина Тетово од пред речиси 20 години, во градот се вратија претходните имиња на дел од улиците и на градскиот плоштад кој во 2007 беше преименуван од „Маршал Тито“ во „Илирија“.
Промената на имињата на улици и плоштади поминува низ неколку фази за кои постојат рокови утврдени со закон. Општината го одобрува предлогот за имиња во Советот и го испраќа предлогот до Владата. Потоа списокот се враќа во општинскиот совет и се гласа за одобрување. Во рок од 8 дена, списокот заедно со документацијата се доставува до Централниот регистар, кој во рок од 15 дена ќе треба да го регистрира новото име на означената улица.
По промената, во рок од 3 дена, Централниот регистар доставува известување за промената до Министерството за внатрешни работи, Катастарот и Заводот за статистика.
