СДСМ за дата-центрите: Кој е инвеститорот и колку струја и вода ќе трошат и колкава е провизијата за Мицкоски?

СДСМ

СДСМ побара од Владата да ги објави деталите за најавениот проект за изградба на дата-центри, откако премиерот Христијан Мицкоски повторно изјави дека процесот е „неповратен“.

Опозициската партија прашува кој е инвеститорот, колкава количина електрична енергија ќе биде потребна за работењето на центрите, од каде ќе се обезбедува струјата и какви количини вода ќе се користат за нивното ладење.

„Шефот на ВМРО-ОКГ повторно рече дека процесот со дата центри е „неповратен“. Кај него е неповратно затоа што веќе ја договорил својата провизија. Се крие само она што мора да го скрие: кој инвестира, која струја ќе ја јаде, која вода ќе ја пие, каде оди загреаната вода и која провизија седнува за договорот“, се нагласува во реакцијата на опозициската партија.

Од СДСМ велат дека дополнително треба да се објасни каде ќе се испушта загреаната вода од системите за ладење и какво ќе биде влијанието врз водните ресурси и животната средина.

„Се крие само она што мора да се скрие: кој инвестира, која струја ќе ја јаде, која вода ќе ја пие, каде оди загреаната вода“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата тврдат дека една компанија веќе објавила оти има обезбедено 100 мегавати електрична енергија и директен пристап до Вардар, како и дека за проектот добила зелено светло од Владата. СДСМ бара институциите да ги потврдат или демантираат овие информации и да ги објават договорите и условите под кои би се реализирал проектот.

Во соопштението опозицијата предупредува и на можните енергетски последици од големите дата-центри, повикувајќи се на примери од други земји каде што поради високата потрошувачка на електрична енергија и вода биле воведувани ограничувања за изградба на нови капацитети.

СДСМ посочува дека во услови кога Македонија се соочува со потреба од увоз на електрична енергија и со проблеми поврзани со водоснабдувањето и квалитетот на водата, јавноста треба да знае какви ресурси ќе користат најавените центри.

Партијата истовремено ја отвора и темата за влијанието на ваквите објекти врз локалната средина, вклучително и бучавата од системите за ладење и агрегатите што работат непрекинато.

„СДСМ не е против дигитализација. Ова не е дигитализација. Ова е хардвер за туѓа дигитализација“, наведуваат од опозициската партија.

Од СДСМ бараат Владата да ги објави името на инвеститорот, проектната документација, предвидената потрошувачка на електрична енергија и вода, како и договорите и условите за приклучување на дата-центрите на инфраструктурата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?