СДСМ обвини дека институциите несериозно се справуваат со епидемијата на западнонилска треска, откако во Драчево, подрачје на Општина Кисела Вода за кое партијата наведува дека е прогласена епидемија, се организира кино на отворено.
Од опозициската партија тврдат дека во земјата досега се потврдени 35 случаи на западнонилска треска, три лица починале, а шест пациенти се во критична состојба на интензивна нега.
„Додека луѓе умираат од западнонилска треска – во Драчево организираат кино на отворено“, стои во соопштението на СДСМ.
Од партијата ја критикуваат Владата, Министерството за здравство и министерот Сашо Клековски за начинот на кој се справуваат со епидемијата, оценувајќи дека нема навремена превенција и координиран системски одговор.
СДСМ прави паралела и со неодамнешната епидемија поврзана со загадената вода во Гостивар, оценувајќи дека и во случајот со западнонилската треска институциите реагираат откако состојбата веќе ескалирала.
Опозициската партија особено го проблематизира темпото на мерките против комарците. Според СДСМ, во други европски земји превентивните активности започнуваат уште во пролетта, со третирање на ларвите, поставување стапици, чистење на потенцијални легла на комарци и информирање на населението.
Од СДСМ велат дека во Скопје се чекало на прскањето против комарци и дека од најавата до реализацијата, според нив, поминале шест дена.
„Наместо да се засилат мерките, се организираат настани на отворено во епидемиско подрачје“, наведуваат од партијата.
СДСМ ја обвини и локалната власт во Кисела Вода дека не покажува доволна сериозност во услови на епидемија. Во соопштението се критикува и работата на градоначалникот, со политички осврт на неговите активности во изминатиот период.
Партијата оценува дека начинот на кој институциите се справуваат со западнонилската треска претставува „колапс на институциите“ и недостаток на сериозност во управувањето со здравствената криза.
Обвинувањата на СДСМ доаѓаат во период кога здравствените власти се соочуваат со зголемен број случаи на западнонилска треска, вирусна инфекција која се пренесува преку убод од заразен комарец.
Од партијата го повикуваат надлежните институции да преземат поефикасни превентивни мерки и да го засилат информирањето и заштитата на граѓаните.
