СДСМ денеска обвини дека приватната компанија АТС Груп плаќа американска лобистичка компанија за активности во Вашингтон поврзани со теми од интерес за Владата и премиерот Христијан Мицкоски.
Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција рече дека во американскиот регистар според Законот за регистрација на странски агенти (FARA) е евидентиран договор меѓу американската компанија Mercury Public Affairs и скопската АТС Груп.
Податоците од FARA потврдуваат дека Mercury Public Affairs, со регистрациски број 6170, е регистрирана како застапник на ATS Group DOOEL Skopje. Во документите се наведува дека ангажманот опфаќа стратешко советување, лобирање, односи со јавноста и односи со владата, вклучително и контакти со американски официјални лица.

Според изменетиот договор, кој се применува од 1 февруари 2026 година, месечниот надомест за услугите на Mercury изнесува 130.000 долари, а плаќањето се врши квартално однапред. Првата наведена уплата изнесува 390.000 долари за февруари, март и април 2026 година. Договорот е продолжен до 31 јануари 2027 година, со можност потоа да продолжи месец за месец, доколку не биде прекинат.
АТС Груп е компанија од одбранбената индустрија. На својата веб-страница наведува дека произведува балистички производи, заштитна опрема и мало-калибарска муниција, а има и посебни компании за производство на муниција, балистика и технологии.

Кузеска оцени дека според FARA документите се отвора прашањето дали приватен интерес од одбранбената индустрија преку платено лобирање промовира теми што Владата ги претставува како државен и стратешки интерес.
Како пример таа го посочи информативниот материјал поднесен во FARA на 2 април 2026 година од Mercury во врска со ATS Group. Во регистарот е евидентиран токму ATS Group DOOEL Skopje како странски принципал на Mercury.
Според Кузеска, материјалот бил насловен „Стратешко партнерство САД–Северна Македонија“ и обработувал теми како трговските односи, енергетиката, американските инвестиции и одбранбената соработка. СДСМ бара Владата да објави целосна документација за посетата на Мицкоски во Вашингтон, како и податоци за активностите што Mercury ги преземал во име на АТС Груп.
„Бараме јавно да биде објавена целата документација“, рече Кузеска, барајќи, меѓу другото, целосниот извод од FARA регистрацијата, материјалот од 2 април, список на контактите што Mercury ги остварувал во име на АТС Груп и податоци кој ги финансирал трошоците поврзани со делегацијата.

СДСМ истовремено го постави прашањето за интересот на АТС Груп за антимонот, метал кој има примена во индустрискиот и одбранбениот сектор, и за најавениот американски грант за развој на наоѓалиште кај Крива Паланка.
Кузеска го поврза ова и со неодамнешната посета на Мицкоски на Вашингтон, за која СДСМ побара дополнителни информации за официјалните средби и резултатите од разговорите.
Од опозициската партија оценија дека Владата треба да објасни каде завршува државниот интерес, а каде почнува интересот на приватните компании кои финансираат лобистички активности во САД.
СДСМ побара случајот да биде дополнително разгледан и институционално проверен, оценувајќи дека јавноста треба да има увид во тоа кој ги финансира лобистичките активности и кои интереси се застапуваат пред американските институции.

