Опозициската СДСМ го обвини новинарот Драган Павловиќ Латас дека води, како што наведуваат, „валкана пропагандна кампања“ во корист на власта, со цел да се дефокусира јавноста од здравствената криза во Гостивар предизвикана од загадената вода за пиење.
Во партиското соопштение, СДСМ тврди дека, наместо одговори за, како што наведуваат, „труењето на целиот град Гостивар“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно ја злоупотребува трагедијата од пандемијата со Ковид-19 за политички напади врз лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Латас, кој со години работи како политички Гебелс на режимот, денеска повторно ја напаѓа СДСМ и лично д-р Венко Филипче“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ велат дека и претходно биле пласирани, како што оценуваат, лажни обвинувања против Филипче, споменувајќи ги наводите поврзани со патувања, имот и други случаи, кои, според партијата, служеле за политичка дискредитација.
„Кога не им успеа дефокусот со Харис Џиновиќ, кога не им поминаа лажните објави за патувања во Венеција и Сент Мориц, кога не им помогна ниту ангажманот на „Блек Кјуб“ за следење на Филипче – се враќаат на старото. Повторно ги вадат мртвите за да го нападнат политички противник. Повторно ја претвораат човечката трагедија во политичко оружје“, се истакнува во реакцијата на СДСМ.
Партијата оценува дека актуелните напади претставуваат обид за дефокусирање на јавноста од, како што велат, кризата во Гостивар, економските проблеми и состојбата со јавните финансии.
Во соопштението СДСМ упатува и остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги дека наместо да понудат решенија за актуелните проблеми, користат пропаганда и политички напади врз опозицијата.
