Опозициската СДСМ обвини за сериозни пропусти во работењето на Министерството за внатрешни работи, откако, според партијата, лице приведено под сомнение за трговија со дрога избегало од полициската станица во Кочани.
Од СДСМ велат дека случајот отвора сомнежи за „тешки пропусти, злоупотреби и спрега на ВМРО-ДПМНЕ со криминални структури“ и побараа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски јавно да одговори кој е одговорен за бегството.
Партијата поставува повеќе прашања, меѓу кои дали некој му помогнал на приведениот да избега, зошто не бил сместен во просториите за задржување и дали постојат врски меѓу раководни лица во ОВР Кочани, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков и лицето кое избегало.
СДСМ наведува дека, доколку е точно дека обвинителството подготвувало предлог за определување мерка притвор, случајот е уште посериозен и бара итна и темелна истрага.
Од опозициската партија побараа да се утврди одговорност кај сите инволвирани службени лица, вклучително и кај раководството на ОВР Кочани.
Во соопштението, СДСМ оценува дека по две години од мандатот на министерот Тошковски, МВР се соочува со низа скандали кои, според партијата, ја нарушуваат безбедноста и довербата на граѓаните.
