СДСМ ја обвини Владата и премиерот Христијан Мицкоски дека наместо конкретни информации и преземање одговорност за состојбата во Гостивар, повторно излегуваат со, како што велат, „празни најави“ дека „наскоро ќе се знае“ кој е одговорен.
Во партиското соопштение, опозициската СДСМ реагира на изјавата на премиерот Мицкоски дека „наскоро ќе се знае кој наредил што се случило во Гостивар“ и дека ќе има одговорност.
Според СДСМ, ваквите најави се повторуваат и за други случаи, без, како што наведуваат, да следуваат конкретни резултати.
„Со истата реторика, Мицкоски со месеци ветува дека ‘наскоро ќе се знае’ од каде дошла дрогата, кој ги контролирал маркетите и кој ги кревал цените, но граѓаните не видоа разрешница за ниту едно од тие прашања“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ оценуваат дека е неосновано Владата да ја обвинува опозицијата за состојбите во Гостивар, посочувајќи дека нивната партија никогаш не била на власт во оваа општина.
Во реакцијата се повикуваат и на информации од гостиварската болница, според кои во последните 24 часа биле примени 260 пациенти, од кои 100 на Детското одделение и 160 на Инфективното одделение, додека во моментот на објавување на соопштението биле хоспитализирани седум деца и 20 пациенти на Инфективното одделение. Според СДСМ, првите случаи биле регистрирани на 13 јули.
Опозициската партија смета дека наместо, како што велат, префрлање на вината и политички обвинувања, Владата треба да понуди конкретни одговори и мерки за справување со состојбата.
„Граѓаните повеќе не веруваат во ‘наскоро ќе се знае’. Сакаат резултати, а не нови најави и нови лаги“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
