СДСМ: Образованието е под окупација од ВМРО-ДПМНЕ

Наместо фокус на подобро образование – ВМРО и министерката Весна Јаневска создадоа хаос во образованието, се отпуштаат наставници и се затвораат над 20 подрачни училишта ширум државата, порача Јованче Манасков од СДСМ.

Според Манасков, ВМРО-ДПМНЕ ја партизирала секоја институција, па сега на ред дошле и директорите од  училиштата.

„Според информациите кои стигнаа до нас, двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат, периодов спроведуваат хајка кон директори кои не се партиски послушници.

Прашуваме, дали едни исти двајца инспектори, Мирјана Насковска и Тони Илиев во повеќе училишта спроведуваат вонредни инспекциски надзори по претставки со слична или идентична содржина.

Дали врз директори од средни училишта се врши притисок да поднесат оставка или да се откажат од функцијата пред истекот на нивниот мандат?

Дали власта на Мицкоски врши политичка операција за чистење на кадри, неподобни директори  и поставување на партиски послушници?

Дали инспекцискиот надзор е претворен во механизам за смена на неподобни директори.

Затоа ли овие двајца инспектори се појавуваат во речиси сите  инспекциски надзори, а истовремено се и кадровски унапредувани и или наградувани.

Очигледно Наскова и Илиев се „инспектори од доверба” на ВМРО, за специјална намена.   Инспектори кои се користат за однапред зададена политичка задача.

Ваква постапка за притсок и смена на неподобни директори се одвива и во средното училиште во Скопје „Панче Арсовски”, каде што постапуваат токму овие двајца инспектори“ вели Манасков.

Мансков додаде и дека веќе има директори кои ги оспориле решенијата за разрешување. 

„Дел од постапките се пред второстепени органи, а има и случаи во кои Управниот суд интервенирал и ја вратил постапката на повторно одлучување, како и случаи со мериторни одлуки во корист на разрешени директори.

СДСМ не е против инспекцискиот надзор, но се противи да биде злоупотребен овој механизам како средство за реваншизам и поставување на партиски подобни директори.

Го повикуваме Државниот просветен инспекторат веднаш да ја запре оваа политичка операција за елиминација на неподобни директори.

Јавно да одговори: зошто едни исти инспектори се појавуваат во повеќе вакви постапки? 

Бараме проверка на постапувањето на инспекторите, на критериумите за нивните кадровски унапредувања или дополнителните надоместоци, на  начинот на распределба на предметите и наводите за притисоци врз директори“ порача од прес-конференцијата Манасков од СДСМ.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?