Опозициската СДСМ обвини дека зад, како што ја нарекува, „платформата“ на Андреј Петров и Игор Ивановски – Шема стои обид за слабеење на партијата и спас на власта на премиерот Христијан Мицкоски.
Во партиското соопштение, СДСМ тврди дека по, како што наведуваат, неуспешните обиди за дискредитација на опозицијата преку „лажни афери и дефокусирачки теми“, власта преминала на нова стратегија – создавање внатрешни поделби и нови политички платформи.
„Платформата на Андреј Петров и Игор Ивановски – Шема работи веќе осум месеци. Нејзината единствена цел е да ја фрагментира и ослабе единствената вистинска опозициска алтернатива СДСМ. Ова не е реформска иницијатива. Ова е платформа за спас на Мицкоски“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ тврдат дека претходно имало обиди за влијание врз партијата и преку поединци од нејзините редови, но дека тие, според нив, не успеале.
Во соопштението се оценува и дека премиерот Мицкоски е „во паника“ поради, како што наведуваат од партијата, падот на поддршката и недостатокот на резултати, обвинувајќи ја Владата дека преку измени на Изборниот законик се обидува да спроведе „изборен инженеринг“ и да влијае врз гласањето на дијаспората.
СДСМ оценува дека, како што наведува, „сателитите се разоткриени“ и дека обидот за „ново издание на ЗНАМ“ нема да успее. Партијата ги повика своите членови и поддржувачи на мобилизација, порачувајќи дека „власта повторно треба да се врати во рацете на народот“.
