„ЗНАМ е приврзок на Мицкоски“ е пораката со која СДСМ реагираше на двегодишниот отчет на владејачката партија, оценувајќи дека презентацијата за постигнатите резултати е политички филм, а не отчет пред граѓаните.
Од ЗНАМ порачаа дека функциите доаѓаат и си одат, но Македонија останува, како и дека отчетноста е обврска, а не завршница. Партијата ги истакна своите пет пратеници, за кои рече дека знаат зошто се во Собранието.
Министерот Горан Минчев зборуваше за спроведени реформи, раст на платите, инфраструктурни проекти и зголемување на пензиите. Од СДСМ, пак, тврдат дека покачувањето на пензиите не е резултат со кој ЗНАМ треба да се пофали, туку, како што наведуваат, „кражба од пензионерите“ што партијата сама ја внесла во својата брошура.
„Ова не е настан за љубов кон татковината, туку отчет пред шефот Мицкоски“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ го повторија обвинувањето дека ЗНАМ бил создаден како политички проект на Христијан Мицкоски, чија цел била СДСМ да биде урнат однатре. Според нив, претставниците на ЗНАМ прво ја предале матичната партија и гласачите, а потоа влегле во власта и станале сателити на, како што ја нарекуваат, „ВМРО-ОКГ“.
„Глас. Столче. Тендер. Пошта. Плац за ‘Лидл’. Фирма во Бугарија, па Максо стана ‘странски инвеститор’“, се редат обвинувањата во соопштението.
СДСМ тврди дека зад брошурата и најавената презентација на отчетот во 14 градови стојат две години злоупотреби и држење на граѓаните како заложници на власта. Од партијата бараат ЗНАМ да објасни колку чини учеството во власта и зошто, како што наведуваат, дел од оние што настапуваат како патриоти поседуваат бугарски пасоши.
Во соопштението се отвора и темата за таканаречената „ЗНАМ 2.0“, како што СДСМ ја нарекува Платформата за реформи во опозициската партија. Според СДСМ, станува збор за нов проект на Мицкоски, создаден за поделба и преземање контрола врз внатрешните процеси во СДСМ.
Партијата повторно го споменува тендерот од 1,6 милиони евра, за кој претходно тврдеше дека е поврзан со луѓе од Платформата. Според СДСМ, тоа се 1,6 милиони евра од државниот буџет на товар на граѓаните, наменети за СДСМ да „свири по плејлистата на Мицкоски“.
„За Дејвид Гета дадоа 5,53 милиони евра, а за делење на опозицијата 1,6 милиони евра. Поевтино, но од истата каса и од истата банда“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ оценуваат дека првата верзија на проектот ЗНАМ успеала да влезе во Владата, додека втората требало да дејствува внатре во СДСМ, но не успеала. Поради тоа, како што тврдат, сега повторно се организираат собири „за иднината на Мицкоски“, а отчетот не е завршница, туку проба за следниот политички чин.
„Следниот чин нека го прават во Белата палата. Филмот веќе го знаеме. Предавството имаше еден датум, а сега има два“, порачуваат од СДСМ.
Во завршната порака од партијата тврдат дека ЗНАМ не е самостојно политичко движење, туку приврзок на власта, за која функциите се менливи, а провизијата останува. Македонија, според СДСМ, за нив не е татковина, туку терен за злоупотреба.
„Граѓаните нема да одат на панел за да им честитаат што ги продале. Ќе одат на следните избори за да ја вратат државата, а одговорноста ќе се бара пред суд, а не пред платно“, се наведува во соопштението.

