Се краделе студентите без пардон: Леб по 126 денари, душеци за 1,17 милиони што не се користат во „Пелагонија“

Леб по 126 денари за килограм, душеци вредни над еден милион денари кои никогаш не биле ставени во употреба, храна набавувана по цени повисоки од пазарните и опрема од над 21 милион денари која не била евидентирана. Државниот завод за ревизија откри серија неправилности и слабости во работењето на студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје.

Особено впечатлива е набавката на леб. Ревизорите утврдиле дека со новиот договор во 2025 година цената достигнала 126 денари за килограм, во период кога пазарната цена била околу 70 денари. ДЗР оценува дека ова укажува на неекономично користење на јавните средства и слабости во контролата на јавните набавки.

Неправилностите не завршуваат со храната. Биле купени 250 душеци во вредност од 1,174 милиони денари, но со димензии различни од оние во техничката спецификација. За нив немало соодветна документација за прием, а до ревизијата воопшто не биле ставени во употреба.

Претходно од истиот добавувач биле набавени уште 450 душеци, иако, според ревизорите, постојните биле во добра состојба. Дополнителен проблем било тоа што креветите биле помали од душеците, поради што била нарушена нивната стабилност.

ДЗР утврдил проблеми и при набавките на свежо месо, месни преработки, риба и земјоделски производи. Во повеќе постапки пристигнувала само една понуда, а договорите биле склучувани до целата проценета вредност без однапред прецизирани количини.

Кај производите што редовно се купувале биле понудувани цени повисоки од пазарните, додека за артикли што практично не се набавувале биле наведувани нереално ниски цени. Ревизорите утврдиле и случаи во кои биле надминати договорените вредности.

Уште посериозна е забелешката за опремата. Во евиденцијата на студентскиот дом не била заведена опрема во вредност од 21,563 милиони денари, а за дел од кујнската опрема платена од надлежното министерство ревизорите не можеле да се уверат дека воопшто била примена во домот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?