Официјалното образложение сè уште не е објавено, но првичните информации откриваат различни пропусти во двата предмета.
Пресудите за Ласкарци и Јакимовски се укинати поради пропусти во судските постапки и недоволно прецизирани елементи во одлуките на пониските судови, објави Телма ТВ, повикувајќи се на информации до кои дошла телевизијата.
За автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а триесетина беа повредени, Врховниот суд наводно ги уважил жалбите на адвокатите и утврдил повреди во постапката и при утврдувањето на фактите во пониските судови.
Според информациите на Телма, пропусти биле утврдени и во начинот на кој Апелациониот суд ги определил и ги зголемил затворските казни. Второстепената пресуда сега се враќа на повторно постапување пред Апелација.
Во предметот против Стевчо Јакимовски причината е поинаква. Првостепената и второстепената пресуда, според сознанијата на телевизијата, не ги прецизирале доволно деталите за обвинението и за делото за кое бил осуден.
Јакимовски беше осуден на една година затвор во предметот за легализацијата на привременото седиште на Општина Карпош, а до укинувањето на пресудите веќе издржал две третини од казната.
Во случајот „Ласкарци“, Апелација ги зголеми казните на дел од обвинетите. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт, Рамиз Мифтари, добија по десет години затвор, додека возачот беше осуден на 14 години. Мифтари е во бегство.
Од Кривичниот и од Апелациониот суд сè уште немале добиено писмени одлуки, поради што не можеле да постапат и да ги ослободат лицата што ги издржуваат казните. Врховниот суд соопштил дека одлуките ќе бидат доставени до пониските судови и објавени на неговата веб страница откако писмено ќе бидат изготвени.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески застана зад институционалната самостојност на Врховниот суд и неговите одлуки. Тој го отфрли впечатокот дека судовите одлучуваат под притисок, влијание или во служба на Јавното обвинителство, нагласувајќи дека пресудите се носат во името на граѓаните, врз основа на законите и доказите во предметите.
Савески појасни дека Врховниот суд во овие случаи не ги оценувал обвиненијата, туку законитоста на одлуките донесени од првостепениот и второстепениот суд. Според него, укинувањето на пресудите не претставува оценка за работата на обвинителите, туку судска контрола врз постапувањето на пониските судови.

