Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на Републиката – Илинден порача дека 2 Август е „најсветиот македонски ден“, кој ги поврзува Крушевската Република од 1903 година и АСНОМ од 1944 година како двата столба на македонската државност.
Во честитката објавена на социјалните мрежи, таа истакна дека во Илинден ја гледа искрата на македонската револуционерна борба и симболот на стремежот кон слобода, државност и достоинство, оценувајќи дека македонската република се градела низ жртвите и делата на бројни револуционери и учесници во народноослободителната борба.
„Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци“, порача претседателката.
Сиљановска-Давкова нагласува дека современите генерации имаат обврска да го чуваат илинденскиот завет преку изградба на држава заснована врз владеење на правото, демократија и еднаквост.
Таа повика на заедништво меѓу граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност, оценувајќи дека е неопходно да се обноват илинденската и асномската свест во борбата за, како што рече, заедничка македонска, европска и демократска република.
Во своето обраќање претседателката истакна дека државата треба да биде изградена врз принципите на поделба на власта, независни и ефикасни институции, борба против корупцијата и криминалот, професионална јавна администрација, активно граѓанско општество и објективно новинарство.
„Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани“, порача Сиљановска-Давкова во честитката по повод Денот на Републиката – Илинден.
