Систем од сензори ќе ги известува возачите каде има слободно паркинг место во Центар

Центар
Фото: Општина Центар

ЈП Паркинзи Општина Центар“ работи на развој на мобилни апликации преку кои корисниците ќе можат лесно да поднесуваат барања, да го следат нивниот статус и навремено да добиваат известувања. Паралелно, се воведува и сензорски систем кој во реално време ќе ја прикажува пополнетоста на паркинзите, овозможувајќи им на возачите побрзо и полесно да најдат слободно паркинг-место.

Ова го најави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, како дел од активностите за дигитализација на услугите во општината.

„Општина Центар континуирано ги засилува напорите за целосна дигитализација на своите услуги, со цел граѓаните преку онлајн алатки лесно да добиваат информации и услуги на едно место“, напиша тој на социјалните мрежи.

Вели, општината продолжува да инвестира во современи решенија кои го олеснуваат секојдневието на граѓаните и придонесуваат за поефикасно управување со паркинг-услугите.

Во таа насока директорот на претпријатието ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Душко Коцевски, во разговор за порталот „Вечер Прес“ вели дека целта на воведувањето нови мобилни апликации е граѓаните постепено да добијат повеќе услуги на едно место, без непотребно доаѓање во дирекцијата.

– Предвидено е апликациите да овозможат полесен пристап до информации за паркирањето, известувања, поднесување барања, следење на статусот на корисничките услуги и поедноставена комуникација со претпријатието. Во рамките на развојот се предвидува и функционалност за информациите за пополнетоста и расположливиот капацитет на одредени паркиралишта во реално време, како и можност граѓаните да пријават проблем или забелешка во надлежност на ЈП ПОЦ или Општина Центар, со насочување на пријавата до соодветната служба – нагласува директорот на претпријатието, Душко Коцевски.

Тој додава дека дел од функционалноста ќе се воведува фазно, согласно со техничките можности и со реалните потреби на корисниците.

Најчитано