Како е воопшто можно за Хитлер да се каже дека до „бескрај си го сакаше својот народ“, кога тој монтсрум дозволи во име на неговото лудило да бидат загинат 5 милиони германски војници и 600.000 цивили.
Зоран БОЈАРОВСКИ
„Ако мислиш на партијата на Зоран Заев, СДСМ, јас се имам изјаснето, имам пишувано текстови за тоа, дури имам и колумна во неколку продолженија во која правам паралела меѓу Хитлер и Заев, во која, секако, му давам предност, достоинствена на Хитлер, без разлика што направи, затоа што до бескрај си го сакаше народот, до небесата и го прогласи за најариевски, за најинтелегентна раса и така натаму, додека тој си го мразеше и го мрази и не знае кој и од каде е.
Имам и напишано и на телевизија многу пати кажано, а и самиот Филипче го имам повикано на дебата ако сака да му објаснам зошто неговата партија е фашистичка. Има аргументи за тоа. Затое што тие учествуваа во геноцидот на својот народ што се вика идентитетски, а идентитетската смрт, јас го цитирам Луј Вансен Томас со „Антропологија на смртта“ кој децидно вели најстрашната смрт од сите видови на смртта е идентитетската“.
Ова го кажува Ефтим Клетников, еден од поугледните македонски писатели, во емисија на ТВ Алфа, кој во последните десет години наместо да биде посветен на поезијата, неверојатно, до апсурд е опседнат со поранешниот премиер Зоран Заев, со СДСМ, а во последно време и со Венко Филипче.
Зошто е скандалозно, ако воопшто треба да се постави ова прашање?
Скандалозно е затоа што после сите утврдени факти за масивното злосторство против човештвото, бесмислено е да му се дава „предност, достоинствена“ на Адолф Хитлер само за да ја „илустрираш“ својата ирационална омраза кон поранешниот премиер Зоран Заев.
Како е воопшто можно за Хитлер да се каже дека до „бескрај си го сакаше својот народ“, кога тој монтсрум дозволи во име на неговото лудило да бидат загинат 5 милиони германски војници и 600.000 цивили.
Како може некој да тврди дека ги „прогласил за најариевски и најинтелентни Германците“, па да дозволи 11 милиони да избегаат или да бидат протерани од сопствената земја, a 200.000 да останат ментално болни или хендикапирани.
Или дека заради предноста и достоинството што Клетников му ги припишува на Хитлер, треба да биде прифатливо дека во логорите на смртта биле ликвидирани над 6 милиони Евреи и речиси 3 милиони Роми и припадници на словенските народи.
А кога доаѓаме до моментот кога треба на овие глупости и скандалозни ставови на Клетников да ги спротивставиме аргументите зошто е апсурдно да се споредува Хитлер со Заев, се судираме со уште еден апсурд: Не постои ниту еден аргумент во негова полза, во полза на Клетников.
Како, со што Заев треба да се идентификува со фашизам?
Клетников вели предизвикал „геноцид на својот народ“, „предизвикал идентитетска смрт“.
Ајде да го провериме тоа, макар што е бесмислено. Македонскиот народ, еве го тука. Заев не предизвикал ниту една смрт во име на некаква апсурдна библиска супериорност. Ниту на свои сонародници, ниту на припадници на други народи.
Напротив, за време на неговиот мандат, беше пречекуван како миротворец во секоја земја на Балканот и Европа. Авторот на овие редови е непосреден сведок на тоа.
Дали предизвика „идентитетска смрт“ на својот народ?
Со Договорот од Преспа, добиваме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонци, македонец, македонка, македонско. Како дома, така и во странство. Преведено без ограничувања на сите јазици во светот. Идентитет ерга омнес. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани.
Наместо ирационален спор кој траеше и се закануваше да трае бесконечно, добивме достоинствено решение за името. Македонско име кое е географски прецизно. Факт е дека нашата држава е во северниот дел од регионот Македонија што се протега во повеќе држави (Бугарија, Грција и мал дел во Албанија).
Кој не го прифаќа денес тоа, живее во заблуда.
Нашиот идентитет е потврден и зајакнат. Нашето државјанство македонско/граѓани на Северна Македонија. Тоа е потврда за нашиот идентите и гаранција дека и во иднина идентитетот ни е гарантиран.
Во иднина нема да има повеќе оспорување на нашето име, на нашата припадност, на нашиот јазик и идентитет. Нема да имаме повеќе фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани. И ова со Бугарија ќе помине. Благодарение на поновото минато. Македонија има пријатели кои ги препозанаваат доблестите на македонскиот народ и неговите аспирации, без разлика на моменталните политички елити.
