Додека традиционалните либерални и конзервативни партии низ Европа сè потешко ја добиваат довербата на младите, нов политички феномен забрзано се шири меѓу генерацијата Зет. Анализата на британскиот „Економист“, пренесена од хрватски „Јутарњи лист“, укажува дека сè поголем број млади гласачи ја прифаќаат новата верзија на социјализам – политички модел кој бара поголема улога на државата во економијата, повисоки даноци за богатите, посилна социјална заштита и интервенции против растечките животни трошоци.
Но, за разлика од класичниот социјализам од 20 век, новата левица на генерацијата Зет не зборува за револуции и колективизација. Според „Економист“, станува збор за политичка филозофија обликувана од ерата на ТикТок, високите цени на становите, несигурните работни места и чувството дека младите генерации живеат полошо од своите родители. Наместо идеолошки догми, во фокусот се конкретни прашања: домување, плати, студентски стандард, достапно образование и економска сигурност.
Оваа политичка филозофија на Зет генерацијата се „поклопува“ со политиките што последните месеци ги промовира претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кои, всушност, се вклопуваат во пошироките европски и светски трендови.
Од идентитетски кон социјални теми
По серијата изборни порази на социјалдемократијата низ Европа, многу левоцентристички партии се обидуваат да го вратат фокусот кон социјалните прашања. Наместо големите геополитички дебати, младите гласачи бараат одговор на секојдневните проблеми: како да најдат работа, како да купат стан и како да останат во својата држава.
Во Македонија, токму овие теми сè почесто се појавуваат во настапите на Филипче и новото раководство на СДСМ. Партијата во изминатиот период промовираше мерки за поддршка на првото вработување на младите, финансиска помош за ученици и студенти, како и политики насочени кон подобрување на младинскиот стандард.
Една од поекспонираните идеи е поддршка од 200 евра месечно за младите во првата година од нивното вработување, мерка која треба да го олесни преминот од образование кон пазарот на трудот.
Истовремено, СДСМ продолжува да ја нагласува важноста на програмата „Гаранција за млади“, европски модел што предвидува секое младо лице да добие понуда за работа, образование или обука во рок од четири месеци по пријавувањето како невработено лице.
Генерација која бара пријателска држава
Истражувањата низ Европа и САД покажуваат дека генерацијата Зет има значително помала доверба во идејата дека пазарот сам ќе ги реши сите проблеми. Причините се повеќе од очигледни: високи цени на становите, несигурни договори за работа, растечки животни трошоци и чувство дека економскиот напредок е резервиран за мал број привилегирани.
Во такви околности, младите сè почесто поддржуваат политики кои до пред неколку години се сметаа за премногу левичарски – субвенционирано домување, посилна државна регулација, повисоки даноци за најбогатите и поголеми јавни инвестиции во образование и социјална заштита.
Од таа перспектива, политиките што ги нуди СДСМ не изгледаат како враќање кон старите социјалистички модели, туку како обид за адаптација кон новата генерациска реалност која веќе ја менува политичката карта на Европа.
Оттаму, „Твоја држава – твоја шанса“, новата платформа на СДСМ, промовирана од претседателот Венко Филипче, која партијата ја позиционира како „социјален договор за 21-от век“. Наместо класичен политички документ, платформата претставува обид за системски пресврт во управувањето со државата, со силен фокус на економија, млади, правда и борба против корупција.
Во центарот на програмата е идејата дека државата треба да стане активен партнер на граѓаните, а не пасивен администратор. СДСМ предлага напуштање на моделот на партиски привилегии и клиентелизам, заменувајќи го со меритократија, дигитална правда и економска сигурност. Паралелно, се нагласува важноста на европските интеграции, но и заштитата на националниот идентитет.
Дали македонската левица е во чекор со времето?
Овие политики се насочени кон враќање на довербата кај младите гласачи и за справување со најголемиот проблем на Македонија – иселувањето на младите, недостиг на добро платени работни места и сериозен проблем со достапноста на домувањето.
Но ако анализата на „Економист“ е точна, тогаш политичките партии кои ќе успеат да понудат конкретни решенија за овие прашања ќе имаат предност во годините што следуваат. Генерацијата Зет сè помалку гласа според старите идеолошки поделби, а сè повеќе според тоа кој нуди подобри услови за живот.
Според новата платформа на СДСМ, партијата, ги препознава младите како клучен ресурс за развој на земјата, поради што се нудат олеснувања за оние до 35 години со цел да се спречи иселувањето.
На тоа посочуваат мерките како „Прв дом без данок“ и станбени кредити со фиксна камата од само 1% за првите 10 години, Целосно укинување на персоналниот данок за сите млади до 30 години, како и грантови од 10.000 евра за млади кои ќе решат да се вратат од странство и да започнат бизнис во Македонија.
Овие мерки се насочени кон создавање реални услови за економска независност, како и чувство на сигурност кај младите генерации.
Во таа смисла, Венко Филипче и СДСМ можеби не пливаат спротивно на струјата, туку се обидуваат да ја фатат. Додека низ Европа расте побарувачката за нови социјалдемократски политики, македонската опозиција е на патотн токму на тој терен да ја гради својата политичка понуда.
Дали тоа ќе биде доволно за политички пресврт е прашање за следните избори. Но едно е јасно: генерацијата Зет ја менува политиката, а партиите што нема да ги разберат нејзините очекувања ризикуваат да останат заробени во политичките дебати од минатото.
