Странците сега можат онлајн да ги платат казните од „Безбеден град“

„безбеден град“

Странските возачи повеќе нема да мора да чекаат да стигнат до граничен премин за да дознаат дали направиле сообраќаен прекршок во Македонија. МВР ја пушти во функција веб-апликацијата „Безбеден град“, преку која сопствениците и возачите на автомобили со странски регистарски таблички можат да ги проверат и електронски да ги платат казните.

За пристап до системот, странскиот возач треба да ја фотографира или скенира патната исправа и да ја внесе регистарската ознака на возилото, или на повеќе возила што ги користи во Македонија. Потоа може да провери дали системот евидентирал прекршок, да го види издадениот прекршочен платен налог и да ја подмири глобата по електронски пат.

Новата можност доаѓа само еден ден по почетокот на активната примена на „Безбеден град“ за странските возачи на граничниот премин Табановце. При излез од земјава, системот ги проверува возилата со странски таблички за кои претходно бил регистриран сообраќаен прекршок. На возачите им се издава записник и прекршочен платен налог.

Првиот ден од примената на механизмот на Табановце беше проследен со подолги задржувања. Од МВР тогаш појаснија дека се обработуваат и прекршоци регистрирани претходно, а механизмот треба да се прошири и на другите гранични премини.

Токму новата апликација треба да го намали овој проблем. Странските возачи ќе можат уште додека престојуваат или транзитираат низ Македонија да проверат дали имаат казна и да ја платат, наместо постапката да се спроведува дури при напуштање на земјата.

Странските таблички системот ги регистрира од почетокот на неговата работа. Само од 2 до 8 февруари „Безбеден град“ евидентирал 4.991 прекршок, од кои 641 биле направени со возила со странски регистарски ознаки. На 24 февруари, од 526 евидентирани прекршоци, 84 биле направени од странски возачи.

МВР предупредува и на лажни пораки за казни. Официјалните СМС-известувања од „Безбеден град“ треба да пристигнуваат од испраќачот „MVR-SC“, да ја содржат регистарската ознака на возилото и да водат исклучиво кон официјалниот домен на системот. Министерството апелира да не се внесуваат лични или банкарски податоци на сомнителни страници.

Во следните фази МВР најавува проширување на функционалностите на апликацијата и за други категории корисници.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?