Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ најави бесплатна телефонска линија за правна помош на жртвите на семејно насилство. Најавата доаѓа повеќе од две години откако партијата ја презеде власта и на истиот ден кога од протестниот марш во Скопје беше побарано институциите да реагираат навреме по пријавите за насилство.
Претседателката на Унијата, Марија Митева, рече дека линијата ќе се разработи со правната комисија на партијата. Преку неа, жртвите ќе можат да добијат бесплатен правен совет и насоки за тоа каде да се обратат и како да побараат заштита. Во соопштението нема телефонски број, ниту датум кога линијата ќе почне со работа.
Митева најави и дека од Унијата ќе им „дишат во врат“ на институциите за да реагираат побрзо. Дел од одговорот, меѓутоа, го чека токму Собранието, каде што ВМРО-ДПМНЕ е најголемата партија во владејачкото мнозинство. Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се поднесени на 26 август по скратена постапка. Три месеци подоцна, граѓанските организации сè уште бараат да бидат ставени на дневен ред и усвоени до 10 декември.
По повеќе од две години на власт, по нови жртви и протести, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ најавува телефонска линија за бесплатна правна помош. Кога ќе почне да работи, линијата може да им помогне на жените да дознаат каде и како да пријават насилство. На вчерашниот марш се бараше одговор за она што следува по пријавата. Зошто за оваа најава се чекаше повеќе од две години и колку уште ќе чекаат на заштита жените што веќе пријавиле насилство?

