Уставни измени: Европски фронт vs. ВЛЕН во трка „кој е поголем Европеец“

уставните

Иницијативата на пратениците од Европскиот фронт за собирање најмалку 30 потписи за отворање постапка за уставни измени, доаѓа во момент кога евроинтегративниот процес на земјата е во застој, а политичките позиции околу уставните измени остануваат длабоко поделени.

Според најавите, иницијативата се темели на член 130 од Уставот, кој предвидува дека предлог за измена на Уставот може да поднесат најмалку 30 пратеници. Тоа значи дека Европскиот фронт се обидува да го искористи институционалниот механизам за да ја деблокира постапката, без да чека формален предлог од Владата.

Координаторот на пратеничката група, Блерим Беџети, ја претстави иницијативата како „неопходен и одговорен чекор“ за продолжување на европскиот пат на државата, нагласувајќи дека без уставни измени нема реален напредок кон Европската Унија.

Политички повик или притисок

Но, прашањето што се поставува е дали оваа иницијатива е само тактички потег или искрен и отворен политички повик.

Европскиот фронт ги повика сите пратеници – и од власта и од опозицијата – да ја поддржат, со посебен акцент на пратениците од ВЛЕН и другите партии кои декларативно се залагаат за европска интеграција.

Сепак се чини дека иницијативата на Европски фронт за собирање 30 пратенички потписи за отворање постапка за уставни измени тешко дека може да се чита само како институционален чекор.

Таа, во суштина, отвора нов фронт во веќе постоечкиот политички судир во албанскиот блок – меѓу опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ и владејачката коалиција ВЛЕН.

Во момент кога уставните измени се закочени, а евроинтегративниот процес стагнира, прашањето повеќе не е само „дали ќе има измени“, туку „кој ќе ја понесе политичката тежина и заслугата или вината“.

Судир во ист електорат: „проевропски“ против „проевропски“

На прв поглед, и Европскиот фронт и ВЛЕН имаат идентична реторика. И двете страни се декларираат како силно проевропски. Но токму тука се крие суштината на конфликтот: борбата не е околу насоката, туку околу кредибилитетот.

Со иницијативата, Европскиот фронт практично испраќа порака: „Ако сте навистина за Европа – потпишете.“

Ова го става ВЛЕН во дефанзивна позиција. Како дел од власта, тие веќе имаат преземено обврска да го откочат процесот, но без обезбедено двотретинско мнозинство. Така, секој нивен изговор или одложување лесно може да се претстави како неуспех – или како недоволна политичка волја.

Политичка офанзива без очекување за успех?

Клучното прашање е: дали Европскиот фронт навистина очекува да успее?

Реалноста во Собранието, но и политичкиот моментум што го диктира ВМРО-ДПМНЕ, сугерираат дека шансите за обезбедување 80 гласа се минимални. Во такви услови, иницијативата повеќе личи на политички маневар отколку на реален обид за уставни измени.

Со други зборови, за Европскиот фронт (ДУИ), дури и неуспехот може да биде добивка.

Ако не се соберат потписите или ако процесот пропадне, Европскиот фронт ќе може да тврди дека тие иницирале можност за решение, а другите, со акцент на ВЛЕН, блокирале.

Тоа е класична стратегија на префрлање на одговорноста од опозиција кон власт.

Удар врз ветувањето на ВЛЕН

Дополнителна тежина на иницијативата дава фактот што ВЛЕН дојде на власт со јасна порака дека ќе го деблокира евроинтегративниот процес во краток рок, односно за „шест месеци“ од преземањето на извршната власт.

Тој рок за ВЛЕН стана политички бумеранг кој Европски фронт сега го користи и на овој начин.

Со отворањето на темата токму сега, Европскиот фронт индиректно порачува: „Ветувавте деблокада – каде е?“

Не е тешко да се разбере дека иницијативата станува средство за мерење на политичката испорачливост на ВЛЕН, а не само на нивната реторика.

Евроинтеграциите како инструмент, не како цел

Најкритичниот аспект од целата ситуација е што евроинтеграциите, наместо стратешка национална цел, повторно се сведуваат на инструмент во меѓупартиски пресметки.

Во овој контекст Европскиот фронт ја користи темата за да се врати како „главен европски играч“ во албанскиот блок, а ВЛЕН се обидува да ја задржи позицијата на власт, но без конкретен пробив во евроинтегративниот процес.

Таква е сликата за партиите, а за народот резултатот е парадоксален: сите се „за Европа“, но процесот останува блокиран.

Оттаму, иницијативата за уставни измени повеќе открива отколку што решава. Таа покажува дека судирот меѓу ДУИ (Европски фронт) и ВЛЕН е во полна ескалација, а евроинтеграциите се главната арена за тој судир

Затоа, во зависност од тоа со колку „гориво“ Европски фронт ќе ја турка оваа иницијатива, вистинското прашање не е дали ќе има уставни измени, туку кој ќе профитира од нивниот (не)успех.

Во таква поставеност, исходот е речиси предвидлив: политички поени ќе има или за едните или за другите, но европски напредок, засега, не.

Зачлени се на нашиот е-билтен