Еден ден откако премиерот Христијан Мицкоски рече дека е „шокиран“ од низата случаи на насилство врз жените, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ја поддржува борбата против насилството и побара да се стават во функција превентивните механизми. Тоа барање доаѓа од партијата што повеќе од две години ја води Владата и има одговорност да објасни кои механизми функционираат, каде има пропусти и што презела за да ги отстрани.
Во соопштението партијата ги наведува убиствата на 31-годишната Ајнет во Битола и на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци. Посочува дека покрај полицијата, одговор треба да има и од обвинителството и судовите. Владата има свои обврски уште при првата пријава. Тогаш полицијата и центрите за социјална работа треба да го проценат ризикот и да постапат додека жената сè уште е во опасност.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата дека собира политички поени и нагласува дека насилството врз жените не е нова појава. Токму затоа од владејачката партија се очекува отчет за изминатите две години. Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се поднесени на 26 август по скратена постапка.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ повикува „да не дозволиме нови трагедии“. Како партија што повеќе од две години ја води Владата, таа сè уште должи одговор кои конкретни мерки ќе ги преземе, кој ќе ги спроведе и во кој рок.

