Она што до вчера беше наратив за „политички прогон“, денес се трансформира во реторика за „владеење на правото“, при што истиот Мицкоски настапува од дијаметрално спротивна позиција.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Политичката трансформација на Христијан Мицкоски, особено во однос на неговиот некогашен ментор Никола Груевски, отвора суштински прашања за конзистентноста, стратегијата и природата на неговото владеење.
Она што до вчера беше наратив за „политички прогон“, денес се трансформира во реторика за „владеење на правото“, при што истиот Мицкоски настапува од дијаметрално спротивна позиција.
Овој пресврт не може да се анализира изолирано од историскиот контекст. Мицкоски не е надворешен набљудувач на ерата на Груевски, туку нејзин директен продукт: советник, директор на државна компанија и генерален секретар на партијата. Неговото лидерство во ВМРО-ДПМНЕ дојде токму како резултат на изборот на Груевски, што дополнително ја усложнува сегашната дистанца што ја демонстрира.
Во периодот додека беше во опозиција, Мицкоски активно ја градеше сопствената политичката платформа, меѓу другите популистички политики, врз наративот дека судските процеси против Груевски се дел од координиран политички притисок, особено во контекст на работата на Специјално јавно обвинителство. Тој наратив беше клучен за мобилизација на партиското членство и за одржување на кохезијата во време на внатрешни турбуленции.
Но, денес, од позиција на власт, истиот Мицкоски сигнализира подготвеност за спроведување на судските одлуки, вклучително и можноста Груевски да се соочи со затворска казна доколку се врати во земјата. Оваа промена отвора дилема: дали станува збор за еволуција кон институционална одговорност или за прагматичен маневар насочен кон политичко преживување? Ова го открива камелеонското лице на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Се разбира, клучен момент за оваа трансформација е развојот на настаните во Унгарија и падот на долгогодишниот премиер Виктор Орбан. Унгарија долго време беше политички и безбедносен засолниште за Груевски, кој таму доби азил. Промената на политичката констелација во Будимпешта потенцијално ја намалува таа заштита, што создава нови геополитички и правни реалности.
Во тој контекст, ставот на Љубчо Георгиевски, искажан во интервју за Рацин.мк, дека враќањето на Груевски не ѝ одговара на актуелната структура на ВМРО-ДПМНЕ добива дополнителна тежина. Таа теза имплицира дека евентуалното присуство на Груевски би можело да ја дестабилизира внатрешната хиерархија и да го доведе во прашање авторитетот на Мицкоски.
Паралелно, процесите за внатрешна консолидација во партијата, елиминација на потпретседателските позиции и маргинализација на потенцијални конкуренти, може да се читаат како обид за централизирање на моќта и подготовка за различни сценарија, вклучително и евентуално враќање на Груевски. Но, токму овие чекори денес се толкуваат и како механизам за лична заштита во новите политички околности.

Реторичката дилема дали Мицкоски го „предал“ својот политички покровител или, пак, станува збор за уште една фаза од неговата политичка стратегија, не може да се одговори еднозначно. Историјата на политичките движења покажува дека ваквите трансформации често се резултат на комбинација од надворешни притисоци и внатрешни калкулации.
Споредбата со Ванчо Михајлов, иако реторички силна, повеќе говори за перцепцијата на дел од јавноста отколку за директна историска паралела. Таа, сепак, ја отсликува длабоката поларизација и недоверба што ја следи македонската политичка сцена.
Во суштина, случајот „Мицкоски–Груевски“ е повеќе од личен однос меѓу двајца политичари. Тој претставува тест за капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ, , за зрелоста на партиската демократија и за подготвеноста на актуелното раководство да се соочи со сопственото минато. Дали оваа трансформација ќе резултира со вистинско владеење на правото или ќе остане во доменот на политичкиот прагматизам, ќе зависи од конкретните потези што ќе следат – а тие, за разлика од реториката, оставаат трајни последици.
Од голем дел од нив, жртви се граѓаните на Македонија и иднината на земјата.