Мрежата за заштита од дискриминација е шокирана од начинот на кој Собранието на Република Северна Македонија го спроведува изборот на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
На веб страницата на Собранието на Република Северна Македонија е објавен дневен ред за денешната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, со единствена точка на дневен ред: Јавна расправа за утврдување на предлог – листа од пријавените кандидати по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Кон Дневниот ред се прикачени документите за пријавените кандидати кои денеска, со почеток од 11:00 часот ќе бидат презентирани пред Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а веќе истиот ден во 14:00 часот, Комисијата се среќава да го утврди името на кандидатот кој ќе биде предложен за назначување од страна на Собранието.
Меѓутоа, имињата на двете претставнички од организациите кои ја сочинуваат Мрежата за заштита од дискриминација воопшто ги нема на листата на пријавени кандидати.
Согласно членот 18 ст. 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација:
(3) Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија утврдува предлог – листа од пријавените кандидати, по претходно спроведена јавна расправа и во рок од 14 дена по истекот на рокот од ставот (2) на овој член, ја доставува до Собранието на Република Северна Македонија во прилог со материјал од сите доставени пријави и извештај од спроведената јавна расправа.
Имајќи го предвид ваквиот член, прашуваме каде се овие две уредно доставени пријави на кандидатки кои доаѓаат од граѓанскиот сектор?
Постапките за избор на членови на независни тела не смеат да се водат нетранспарентно, селективно или на начин што остава сомнеж во однапред донесени одлуки. Токму спротивно, тие мора да се темелат на транспарентност, еднаков третман, учество, отчетност и почитување на демократските процедури.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е клучна институција за заштита на човековите права и еднаквоста, поради што, изборот на нејзините членови мора да влева доверба во јавноста. Денес ние се соочуваме со парадоксална ситуација: да бираме член на Комисија за спречување на дискриминација притоа неоправдано спречувајќи двајца кандидати воопшто да се претстават на јавна расправа.
Бараме од Комисијата за избори и именувања итно да образложи:
- На што го темели ова ограничување на правото на кандидатките да бидат бирани, како и
- Уште колку други кандидати кои доставиле документи, а ги исполниле условите утврдени со Закон не се повикани да ги презентираат своите кандидатури.
Конечно, бараме од Собранието јавно да одговори која е целта на усвојувањето на закони и процедури и за кого важат истите, кога очигледно не важат за телата на Собранието!