Обвинението против поранешниот вицепремиер Артан Груби повторно ги разгоре политичките пресметки меѓу ВРЕДИ и ДУИ. Од ВРЕДИ тврдат дека Груби е „црната кутија“ на партијата на Али Ахмети и дека она што евентуално ќе го каже во текот на судската постапка може да има последици и за други поранешни или актуелни функционери.
Реакцијата доаѓа откако Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Груби и уште седум лица за злоупотреби поврзани со „Државна лотарија“. На сите им се става на товар злоупотреба на службената положба и овластување, а првото рочиште е закажано за 24 август во Кривичниот суд.
Од ВРЕДИ оценуваат дека обвинението дополнително ја зголемило нервозата во ДУИ и го поврзуваат случајот со последните најави за можно повлекување на Али Ахмети од активната политика.
„Обвинението за Артан Груби ги зовре страстите во ДУИ. Стравот од неговата меморија си го прави своето“, велат од коалицијата, оценувајќи дека објаснувањата околу евентуалното повлекување на Ахмети не се уверливи.
Од ВРЕДИ подолго време го опишуваат Груби како „црната кутија“ на ДУИ, со теза дека тој располага со информации за повеќе политички и кадровски одлуки од периодот кога партијата беше дел од власта.
Во соопштението го споменуваат и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, за кого тврдат дека преку последните јавни настапи отвора теми кои директно или индиректно водат кон Груби. Посебно ја издвојуваат и улогата на обвинителот Ислам Абази во можните идни разврски.
„Од тоа што прозборел Артан ќе зависи кој ќе оди курбан“, порачуваат од ВРЕДИ, додавајќи дека за Ахмети и ДУИ допрва следува тежок политички период.
Станува збор за политички тврдења на ВРЕДИ. Засега нема јавно утврдени факти дека Груби дал исказ со кој инкриминира други функционери на ДУИ, ниту дека против лицата што ги споменува коалицијата се водат постапки поврзани со негово евентуално сведочење.
Обвинителството го товари Груби во случајот со набавката на видеолотариски терминали во „Државна лотарија“. Според обвинението, тој како второобвинет претседавал со владина седница на која била усвоена информација за започнување активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, иако, според ОЈО, бил свесен дека таквата одлука не била во надлежност на Владата во својство на собрание на акционерското друштво.
ДУИ, пак, обвинението го оцени како политички мотивирано и побара Обвинителството да ги објави доказите врз кои се темели постапката.
