Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Задолжителна објава на цените на сајт – маркетите добија 45 дена за прилагодување

Од средината на април, сите големи, средни и мали трговци ќе бидат обврзани да ги објавуваат цените на своите веб-страници, согласно новите законски измени. Исклучок од оваа обврска се маалските дуќани, а во наредните десет дена ќе бидат објавени и правилниците што ќе ја регулираат примената на законот.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека маркетите ќе имаат 45 дена за да се подготват и да обезбедат транспарентно информирање на потрошувачите. Оваа мерка, според него, ќе придонесе за поголема конкуренција, подобра ценовна контрола и можност граѓаните да прават информирани избори за своите купувања.

Покрај оваа новина, Дурмиши потсети и на претходно донесената владина одлука за замрзнување на бруто маржите на 102 категории на основни производи. Оваа мерка останува во сила до 30 април, при што за 8 прехранбени производи маржата е ограничена на 5%, за 55 производи на 10%, а за 39 производи на 15%.

Државниот пазарен инспекторат веќе врши контроли на терен, а до крајот на неделата ќе бидат проверени околу 1.000 трговци низ земјата. За непочитување на регулативите, предвидени се казни од 500 до 10.000 евра, а во некои случаи може да се изрече и затворање на маркетите до 30 дена. Министерот очекува дека овие мерки ќе доведат до намалување на цените до 10%.

Зачлени се на нашиот е-билтен