САД бараат и Македонија да се повлече од Меѓународниот кривичен суд

Фото: Tony Webster, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Соединетите Американски Држави побарале од сојузниците во НАТО да се повлечат од Римскиот статут и да ја прекинат материјалната поддршка за Меѓународниот кривичен суд. Барањето се однесува и на Македонија, која е членка и на НАТО и на МКС.

Според тројца дипломати цитирани од POLITICO, американскиот амбасадор во НАТО Метју Витакер го поставил барањето на затворен состанок на амбасадорите на 32-те земји членки во Брисел во средината на јули.

Американската мисија паралелно доставила и документ до делегациите, во кој Вашингтон бара сојузниците да почнат постапка за повлекување од Римскиот статут, јавно да го критикуваат судот и да ја прекинат неговата материјална поддршка.

Според дипломатите, Витакер на крајот од своето обраќање им порачал на сојузниците дека Вашингтон внимателно ќе следи кој ќе застане на страната на САД.

Македонија е држава членка на Римскиот статут и во претходните години јавно изразуваше поддршка за независноста и функционирањето на Меѓународниот кривичен суд. Во официјално обраќање до Собранието на државите членки во 2022 година, Македонија го опиша МКС како еден од клучните инструменти во борбата против неказнивоста за најтешките меѓународни злосторства.

Засега нема јавно објавена реакција од македонските власти на американското барање.

Притисокот на Вашингтон е дел од пошироката кампања на администрацијата на Доналд Трамп против МКС. САД не се членка на судот и подолг период се спротивставуваат на можноста тој да води постапки против американски државјани. Администрацијата дополнително го засили притисокот откако МКС отвори постапки поврзани со војната во Газа и издаде налози за апсење на израелски функционери.

Вашингтон во изминатите месеци воведе санкции против повеќе функционери на судот, меѓу кои и претседателката Томоко Акане. Американските власти го обвинуваат МКС дека ги пречекорува своите надлежности и го загрозува суверенитетот на САД.

Дел од европските сојузници веднаш го отфрлиле американското барање. Франција на состанокот ја повторила својата „непоколеблива поддршка“ за МКС, а Холандија, каде што е седиштето на судот, исто така се спротивставила на иницијативата.

Меѓународниот кривичен суд соопшти дека политичкиот притисок нема да влијае врз неговата работа и дека ќе продолжи независно да го спроведува својот мандат.

МКС е основан со Римскиот статут и е надлежен за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и злосторството агресија. Во моментов Римскиот статут има 125 држави членки.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?