Западнонилскиот вирус потврден кај угинат гавран, 43 заразени

Западнонилскиот вирус е потврден и кај угината птица, гавран, во период кога бројот на заразени луѓе во Македонија се искачи на 43, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Четири лица досега починаа откако развиле невроинвазивна форма на болеста.

Станува збор за првата угината птица кај која лабораториски е потврден вирусот во актуелната епидемија. Во изминатите денови Агенцијата за храна и ветеринарство добила околу стотина пријави за мртви птици, најголем дел од загрижени граѓани. АХВ претходно предупреди дека една угината птица сама по себе не значи дека е заразена, но поголем број угинати гаврани или други диви птици на исто подрачје треба да се пријават.

„Сакам да им се заблагодарам на граѓаните на Скопје бидејќи има голем број дојави за угинати птици. Тие се собираат од Агенцијата за храна и ветеринарство и помагаат во натамошното оценување на ризикот“, рече Клековски.

Птиците се клучен дел од природниот циклус на западнонилскиот вирус. Вирусот циркулира меѓу дивите птици и комарците, а човекот најчесто се инфицира преку убод од заразен комарец. Луѓето не се главен извор за натамошно ширење на инфекцијата.

Епидемиолошката состојба во Скопје во меѓувреме се проширува. Клековски соопшти дека се регистрирани првите случаи и во општините Центар и Чаир. Само два дена претходно официјалните податоци покажуваа 38 заболени, од кои 37 во Скопскиот Регион.

Надлежните во моментов имаат мапирано 34 ризични подрачја во Скопската Котлина, од кои 13 се оценети како високоризични. Главниот проблем се местата каде подолго време стои вода и има органски отпад, услови погодни за размножување на комарците.

Меѓу најризичните се каналите во Скопско Поле, Идризово, Стајковци, Сингелиќ, Гази Баба, Драчево, Батинци и Студеничани, како и делови од Серава во Радишани и Бутел. На листата се додадени и населби со голем број септички јами, гробишта каде во вазните се задржува вода и отпади со стари автомобилски гуми.

Ризик можат да претставуваат и многу помали извори на застоена вода, како саксии, канти, стари буриња со дождовница и неисправни хидранти.

Здравствените власти препорачуваат граѓаните да ја отстрануваат застоената вода околу домовите, да користат репеленти, мрежи на прозорците и подолга облека, особено во зори и во самрак кога комарците се најактивни.

Кај околу 80 проценти од заразените инфекцијата поминува без симптоми или со многу лесни симптоми. Околу 20 проценти може да развијат температура, главоболка, слабост, повраќање или осип, додека кај помалку од еден процент се развива тешка невроинвазивна форма со енцефалитис или менингитис.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?