Во услови на зголемено руско мешање и обиди за влијание во Молдавија, Грузија и на Западниот Балкан, проширувањето на ЕУ станува директен предизвик за европската колективна безбедност, порача денеска претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, што се одржува во Брисел.
– Да не се залажуваме, проширувањето сега веќе не е само благородна амбиција, сега, цврсто верувам, дека тоа е геополитичка неопходност. Сепак, за жал, во последнава деценија загубивме повеќе членки, отколку што примивме, рече Мецола.
Според неа, ЕУ не смее да продолжи да го развлекува процесот на проширување и расправата за него да ја префрла од еден на друг самит, со усвојување на заклучоци кои понекогаш имаат 27 или дури 27 плус 3 различни толкувања.
– Ако продолжиме да го направете сето ова, тогаш други ќе се појават за да ја пополнат празнината, порача Мецола.
Говорејќи за односите на ЕУ со САД, Мецола истакна дека никој нема корист од трговските војни, па затоа прв приоритет на Унијата мора да биде нивно избегнување, но таа во исто време е подготвена да одговори на секаков предизвик и ќе зборува од позиција на сила.
– Одделно ние сме мали играчи, но заедно сме сила на која треба да се смета. А тоа не го кажуваме доволно, рече Мецола.
Таа посочи дека САД се едни од најстарите и најсилните сојузници на Европа и меѓусебната трговска размена 1.500 милијарди евра е премногу важна, за да се воведат меѓусебни царини, кои би им наштетиле на компаниите и луѓето од двете страни на Атлантикот.