На повикот на СДСМ да каже кои се компаниите од САД кои ги убедил да инвестираат во Македонија, премиерот Христијан Мицкоски, денеска од увидот на градежни активности во Петровец, рече дека неговата посета на Америка била историска и многу корисна за граѓаните зашто земјава влегла во, ‘оптиката на луѓето кои имаат најгласен звук во периметарот на претседателот Трамп. Убеден сум дека по ова Македонија е дел од оптиката на новата администрација’.
„Имавме средби кои беа видливи и објавени во јавноста, но и средби со луѓе кои во наредниот период ќе имаат високи улоги во периметарот на претседателот Трамп. Секој оној кој ќе се бори и избори за внимание на оптиката на администрацијата на Трамп ќе влезе во таа оптика. Ние сакаме да се избориме и затоа бевме таму. Да се претставие кои сме и што сме, затоа отидовме, нема втора шанса за прв впечаток. Направивме историски средби и историска посета“, рече Мицкоски.
Тој кратко најави дека допрва граѓаните ќе слушнат за компаниите, а се пожали дека опозицијата ‘измислува’ хотели каде спиел.
„Тоа е само дефокус на периферна тема, ниту сум спиел таму, ниту… Спиев во хотел со 3+ ѕвезди, а хотелот кој го прикажуваа е хотел во кој Крис Павловски организираше средба за дигитализација на Македонија“, рече премиерот.
Од СДСМ сметаат дека посетата на Мицкоски на САД, требаше да биде мисија од висок ранг, а не евтина ПР фарса.
„Нека излезе ВМРО-ДПМНЕ и нека каже кои се компаниите од САД кои Мицкоски ги убедил да инвестираат откако претседателот Трамп потпиша указ за оданочување на оние американски компании кои ќе инвестираат во странство. Ова патување не донесе ниту еден конкретен бенефит за државата, а јавноста со право прашува колку чинеше оваа ПР фарса и што добија граѓаните“, го повикаа Мицкоски.
Премиерот за целото време на посетата на Америка објавуваше фотографии од средби, но не со високи претставници на новата американска администрација, туку со бизнисмени или новинари.
Тој не беше присутен во Ротондата на Капитол Хил каде се одржа чинот на втората инаугурација на Доналд Трамп.
Мицкоски, настанот го следеше, како и што самиот објави од ложа во спортска сала во Вашингтон.