Членот на Антикорупцискиот тим на СДСМ, Јон Фрчкоски, тврди дека Владата ѝ наложила на Државна лотарија околу 4,8 милиони евра од нераспределената дивиденда да ги насочи за одбележувањето на 35 години независност на Македонија.
Според Фрчкоски, станува збор за 300 милиони денари од нераспределената дивиденда на Државна лотарија за 2024 година. Тој се повикува на одлука донесена на 167. седница на Владата, одржана на 28 април годинава.
Тврдењето доаѓа откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека прославата на 35-годишнината од независноста, вклучително и настапот на Дејвид Гета, ги чинела буџетот и граѓаните „нула денари“, бидејќи средствата биле обезбедени од општествено одговорни компании.
Во меѓувреме, „Призма“ објави дека Владата на 28 април донела одлука организацијата на прославата да ѝ биде доверена на Државна лотарија. Два дена подоцна компанијата објавила јавен повик за реализација на спонзорирани настани, според Законот за спонзорства и донации, а не преку постапка за јавна набавка.
Повикот предвидувал ангажман на светски артист од „А класа“, втор интернационален изведувач и организација на најмалку 12 настани низ Македонија. Според директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, единствената понуда била поднесена од фирмата „Стардаст“, поврзана со „Авалон продукција“.
СДСМ и претходно тврдеше дека за прославата биле предвидени околу пет милиони евра и бараше средствата да бидат пренаменети за водоводна инфраструктура и обезбедување чиста вода во повеќе населени места.
Точната вкупна сума потрошена за едномесечната програма сè уште не е јавно објавена. „Слободен печат“ испратил барања за слободен пристап до информации до Владата, со кои ги бара договорите, трошоците по настани, хонорарите и начинот на избор на операторот.

