„Ние сме подготвени за национална стратегија во секој момент, да видиме што е тој предлог, ќе разговараме зошто да не. Без национален консензус нема поместувања ниту милиметар“, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали ќе ја разгледаат „Платформата за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии“, подготвена од Движењето ЗНАМ.
„Спремни сме, ние и во минатото сме покажале и дека како опозиција сме подготвени, тоа што некој немал слух и којшто одлучил наивно да ги води процесите, наспроти интересите на граѓаните и наспроти интересите на државата, тоа е друг проблем. Верувајте дека нема милиметар да се поместиме ако немаме национален консензус“, рече Мицкоски.
Мицкоски појасни дека во Брисел предложил, пратениците од европскиот парламент да изгласаатл резолуција, за да се види ‘дали единствен проблем е промената на Уставот, но и какво ќе биде однесувањето на дел од пратениците од европскиот парламент доколку изгласаат резолуција и го признаат постоењето на многувековниот македонски идентитет и многувековните корени на македонскиот јазик’.
За таму, истакна премиерот, не е потребен лимит за да се види суштината на проблемот и дека работите не треба да се гледаат селективно, туку какви што сѐ, за да се донесат решенија.
„Мораме да ги гледаме како сѐ, и врз основ на тоа да даваме решенија, не политикантство. Еве нека поднесат тие резолуција, ние како парламент да донесеме заеднички сите пратенички партии, парламентарни партии на резолуција со којашто ќе побараме европскиот парламент да го потврди нашиот многувековен македонски идентитет и многувековните корени на нашиот македонски мајчин јазик, еве да видиме како ќе се однесуваат дел од пратениците, да излезат навистина проблемите на виделина“, рече Мицкоски.