Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска ќе биде домаќин на петтата сесија на Работната група 6 – Антикорупција (Поглавја 5 – јавни набавки, 18 – статистика, 32 – финансиска контрола) во организација на Европско движење во Република Македонија (ЕДРМ).
Тема на настанот е „Борба против корупцијата преку транспарентност и отчетност: Препораки и можности во Република Северна Македонија низ перспективата на европските практики“.
-Сесијата ќе биде одлична можност за отворен и продуктивен дијалог, како и за размена на искуства и предлози за унапредување на антикорупциските политики и практики во национален и европски контекст. Некои од клучните прашања за дискусија ќе бидат како да се овозможи поефективен пристап до информации и јавно достапни податоци за да се идентификуваат и спречат коруптивни практики, како да се вклучи приватниот сектор во сеопфатен антикорупциски механизам и кои се новите иницијативи на Европската Унија што треба да ги следат земјите членки и земјите со кандидатски статус, соопшти ЕДРМ.
Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот е реализиран од страна на Европското движење во Северна Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во земјава.