Серија земјотреси, но со јачина помала од пет степени и во текот на ноќта беа регистрирани во морскиот дел во близина на Санторини, каде што од саботата е зголемена сеизмичката активност и преземени се вонредни мерки и препораки, а процените се дека грчкиот остров веќе го напуштиле над 5.000 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Од полноќ до рано утрово беа регистрирани шест земјотреси меѓу 4 и 4,8 степен, а слична беше ситуацијата и во текот на вчерашниот ден, што според директорот на Геодинамичкиот институт на Опсерваторијата во Атина Василис Карастатис значи дека „сеизмичката активност не деескалира, туку напротив се интензивира“.
За грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ Карастатис објасни дека од 1 февруари заклучно со синоќа имало над 240 земјотреси со јачина поголема од три степени, а во истиот период биле регистрирани 39 земјотреси од над четири степени.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ објасни дека не е активиран раседот од 1956 година што тогаш предизвика земјотрес од 7,7 степени, по што следеше и цунами.
-Овој расед не може да предизвика голем земјотрес, бидејќи во 1956 година ослободи голема енергија. Ќе бидат потребни илјадници години за повторно да се наполни со енергија. Значи, имаме активирање на помали раседи северозападно од раседот кај Аморгос. Активноста е ограничена во близина на Аморгос, посочи Лекас, објаснувајќи дека ова е позитивен елемент, бидејќи конкретниот остров има карпести формации, нема многу објекти, нема голема површина за разлика од Санторини што има сосема спротивни карактеристики.