Балканецот што ја покори Европа со кебапи

кебапи

Од тинејџер со две продавници и мало кафуле во Тузла, до сопственик на компанија што денес снабдува повеќе од 3.000 продажни места низ Европа – животната приказна на Дамир Хусејдиќ наликува на сценарио за филм за балканскиот претприемачки сон. Денес многумина го нарекуваат „кралот на кебапите“, а неговата компанија е меѓу водечките производители на ќебапи во Европа.

Хусејдиќ потекнува од Тузла, каде што уште од најрана возраст бил воспитуван во духот на дисциплина, ред и одговорност. Неговиот татко бил полицаец, а мајката домаќинка, а токму семејните вредности, како што вели, го обликувале и како човек и како бизнисмен. По завршувањето на трговско-економското училиште и Економскиот факултет, уште како тинејџер влегол во светот на приватниот бизнис. На само 18 години веќе имал две продавници и кафуле, стекнувајќи прво искуство во трговијата и работата со луѓе.

Неговата деловна приказна продолжила и надвор од Босна и Херцеговина. Одреден период живеел во Шведска, каде што работел во трговија на големо, а по враќањето во татковината бил дел од големи компании и раководни структури. Но, вистинската пресвртница во неговиот живот се случила во 2013 година, кога со семејството се преселил во Германија.

Во Минхен првично основал градежна компанија и фирма за посредување при вработување медицински персонал. Истата година, заедно со својот брат, отворил ресторан што брзо станал еден од најуспешните во својата категорија. Токму таму започнала и идејата што подоцна ќе прерасне во сериозен европски бизнис – производство на ќебапи по сопствен рецепт.

Хусејдиќ открива дека речиси една година работел на рецептот за да го добие вкусот и квалитетот што ќе го издвојат на пазарот. „Мојот најважен производ стана ќебапот. Долго време работев на рецептот сè додека не го добив квалитетот што е препознаен на пазарот“, изјавил тој.

Така настанала компанијата „Cevapcici Company GmbH“, која денес снабдува повеќе од 250 ресторани и угостителски објекти во Германија и Австрија, како и над 3.000 супермаркети и продажни места низ Европа. Меѓу партнерите на компанијата се и големи трговски синџири како „Rewe“, „Edeka“, „V-Markt“ и „Globus“. Неговите производи денес се присутни и во бројни ресторани за брза храна и популарни „food truck“ концепти низ Германија.

Покрај кебапите, компанијата увезува повеќе од 40 производи од Балканот. На европскиот пазар преку неговата дистрибутивна мрежа стигнуваат кајмак од Србија, ајвар од Македонија, сараевски лепчиња, пити и вина од Хрватска. На тој начин, Хусејдиќ не продава само храна, туку и дел од балканската гастрономска традиција.

Во Минхен денес поседува и два ресторана – „Ла Фајет Минхен“ и пицеријата „Мала Италија кај Ла Фајет“, места што ги посетуваат спортисти, актери, бизнисмени и луѓе од јавниот живот. Но, и покрај деловниот успех, тој вели дека најголема поддршка во целиот процес му биле сопругата Фатима и синот Адис, кој веќе активно е вклучен во развојот на компанијата.

„Нема вистински успех без здраво семејство“, порачува Хусејдиќ, човекот кој од Балканот создаде бренд што денес ја освојува Европа – со вкусот на кебапите.

Најчитано