Балканска битка со спомен плочи: Бугари и Грци се судрија за Гоце Делчев

Делчев

Нова балканска расправија за историското наследство на Гоце Делчев се отвори меѓу Бугарија и Грција, откако спомен-плоча поставена во селото Баница (денешна Кареја, Серско), на местото каде што загинал македонскиот револуционер, беше отстранета само 24 часа по нејзиното поставување.

Според грчките медиуми, плочата била поставена без дозвола од локалните власти, а на неа Гоце Делчев бил претставен како „бугарски револуционер и војвода“. Тоа предизвика реакции во Грција, каде националистичката организација „Светиот баталјон“ (Ιερός Λόχος) објави дека ја отстранила плочата, оценувајќи ја како провокација и порача дека „Грција нема да толерира историски иредентизам“.

Од бугарска страна следуваше остра реакција. Претставници на иницијативата што ја поставила плочата порачаа дека повторно ќе поставуваат спомен-обележје и дека нема да се откажат од, како што велат, одбележувањето на местото поврзано со Гоце Делчев.

Случајот повторно ја отвори чувствителната тема за историското наследство на Гоце Делчев, но овојпат спорот не се води меѓу Скопје и Софија, туку меѓу Бугарија и Грција. Дополнителна контроверзија предизвика и информацијата дека плочата била поставена без претходна согласност од грчките власти.

Најчитано