Црвен код на Јонските Острови поради висок ризик од пожари

Грчките власти прогласија „црвен код“ за Јонските Острови поради многу висок ризик од шумски пожари, во период кога туристичката сезона е во полн ек и островите се преполни со домашни и странски туристи.

Предупредувањето важи денеска, 26 август, за целиот регион на Јонските Острови, каде опасноста од пожари е подигната на категорија 4, односно „многу висока“. Во регионот се наоѓаат и популарните туристички острови Крф, Кефалонија, Закинтос и Лефкада.

Со прогласувањето „Red Code“, грчкиот Национален механизам за цивилна заштита е ставен во целосна готовност. Тоа подразбира распоредување на потребните пожарникари, механизација и друга опрема за брза интервенција доколку избувне пожар.

Општините и регионалните власти добиле наредба веднаш да ги активираат локалните и регионалните координативни тела за справување со можни шумски пожари.

Грчката Цивилна заштита ги повика жителите и туристите да избегнуваат активности што можат да предизвикаат пожар, меѓу кои палење сува трева и гранки, користење машини кои создаваат искри, заварување и палење скари на отворено. Во текот на противпожарната сезона е забрането и палењето земјоделски површини.

Во случај на пожар, граѓаните треба веднаш да ја известат противпожарната служба на бројот 199.

Покачен ризик, од категорија 3, е прогласен и за Атика, повеќе области на копнениот дел од Грција и за останатите грчки острови.

Предупредувањето доаѓа по серијата пожари што ова лето зафатија повеќе делови од Грција. На почетокот на август пожар на Кефалонија доведе и до евакуација на жители од загрозени населени места.

Во меѓувреме, пожарите што вчера избувнаа во Саламина и во областите Агиос Власиос и Стефани во Беотија во најголем дел се ставени под контрола, а пожарникарите продолжуваат да ги следат жариштата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?