Комшиите лути на „Сејф сити“, драматични наслови во српските медиуми

„Преминувањето на границата може да ве чини и 300 евра“, „тотален колапс“ и „ригорозен систем во Македонија“ – со вакви наслови дел од српските медиуми утрово известуваат за примената на системот „Безбеден град“ и за гужвите на граничниот премин Табановце – Прешево.

Српски „Блиц“ објави дека возачите на излез од Македонија се соочуваат со проверки за сообраќајни прекршоци регистрирани од камерите, а во текстот се тврди дека дел од нив мора да ги подмират казните пред да го продолжат патувањето. Медиумот го поврзува ова со долгите колони кон Србија, иако официјална потврда дека „Сејф сити“ е главната причина за актуелните гужви на Табановце засега нема.

Во регионалните медиуми особено се потенцираат казните за брзо возење. Се наведуваат глоби од 20 евра за помали пречекорувања, 50 евра за поголеми и до 300 евра за сериозно надминување на дозволената брзина, заедно со можност за забрана за управување со возило.

Темата не е нова во Србија. Уште во февруари, кога „Безбеден град“ почна официјално да функционира, српските медиуми предупредуваа дека камерите се поставени и долж Коридорот 10, кој масовно го користат српските туристи на пат кон Грција. Во мај „Курир“ објави и искуство на српски возач кој тврдеше дека бил казнет со 50 евра за пречекорување на брзината од два километри на час.

МВР официјално потврдува дека системот „Безбеден град“ од 1 февруари работи и на Коридорите 8 и 10 и дека санкционира и возачи со странски регистарски таблички. Само во периодот од 2 до 8 февруари биле регистрирани 4.991 прекршок, од кои 641 биле сторени со возила со странски таблички.

На 24 февруари, од вкупно 526 регистрирани прекршоци, 84 биле направени од возачи со странски регистарски ознаки. МВР тогаш соопшти и дека во системот постои дозволено отстапување при мерењето на брзината, спротивно на дел од регионалните написи во кои се зборува за „нулта толеранција“.

Според официјалните податоци, „Безбеден град“ во првата фаза регистрира брзо возење, минување на црвено светло, непрописно паркирање и управување возило со истечена сообраќајна дозвола. Во февруари преку системот биле регистрирани 19.066 прекршоци, од кои 18.172 за брзо возење.

Засега, драматичните тврдења дека системот предизвикал „тотален колапс“ на границата и дека секој странски возач со неплатена казна автоматски не може да ја напушти Македонија се пренесуваат главно од српски медиуми и објави на социјалните мрежи. МВР има потврдено дека странските возачи се санкционираат преку „Безбеден град“, но во јавно достапните официјални информации што ги проверивме нема посебно соопштение со кое актуелните колони на Табановце директно се припишуваат на наплатата на казните.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?