Легендарниот југословенски бренд на автомобили Југо се враќа на пазарот по речиси 20 години од завршувањето на производството. По минатогодишната презентација на новиот дизајн во Германија, новиот сопственик на брендот, српскиот бизнисмен и универзитетски професор Александар Бјелиќ, презентираше повеќе детали на автомобилската конференција „SEE Automotive“ во Белград.
Според медиумите, Југо ќе го таргетира пазарот како прифатлив автомобил со хибриден погон. Очекуваната цена на ова мало возило е, имено, околу 12 илјади евра, што би го направило еден од најевтините нови автомобили во Европа, објави германскиот „Велт“.

Новото Југо ќе има хибриден погон со технологија за продолжување на дометот, што значи дека моторот со внатрешно согорување ќе служи првенствено како генератор за производство на електрична енергија. Автомобилот на тој начин нема да зависи од инфраструктурата за полнење и нема да има надворешен кабел за полнење. Потрошувачката на гориво треба да биде исклучително ниска, па под идеални услови ќе изнесува само 2,2 литри на 100 километри.
Дизајнот останува ист како оној што беше претставен пред неколку месеци во Минхен, а зад кој стои дизајнерот од Зрењанин, Дарко Марчета.
Се очекува новиот прототип за прв пат јавно да биде претставен на изложбата Експо 2027 (Expo 2027), чиј домаќин ќе биде Белград. Сепак, сè уште не е познато каде би се одвивало производството – бидејќи поранешната фабрика „Застава“ во Крагуевац сега е во сопственост на автомобилскиот гигант Стелантис (Stellantis), според порталот „eKapija“.
