Ратко Младиќ, кој денеска почина на 84 годишна возраст во притворската болница во Хаг, според изјавата на неговиот адвокат Бранко Лукиќ, треба да биде погребан во Белград, а неговата желба била да почива покрај неговата ќерка Ана. Местото на погребот сè уште не е официјално потврдено, но како можна локација се споменува Топчидерските гробишта.
Лукиќ изјавил дека телото на Младиќ ќе биде пренесено во местото што ќе го избере неговото семејство и дека токму семејството ќе одлучи каде ќе биде погребан. Тој притоа ја потврдил долгогодишната желба на Младиќ да биде погребан покрај својата ќерка во Белград.
Ана Младиќ починала во 1994 година, а нејзиниот гроб се наоѓа на Топчидерските гробишта во Белград. Поради тоа, во српските медиуми веќе се појавија информации дека токму таму би можел да биде погребан и нејзиниот татко. Сепак, засега нема официјална потврда дека погребот ќе се одржи токму на таа локација.
Во меѓувреме, се појавија и информации дека погребот би можел да биде со државни и воени почести. Таа информација ја објави телевизијата Информер, но во овој момент не е потврдена од официјалните институции.
Младиќ почина додека издржуваше доживотна казна затвор во Обединетите нации во Хаг. Во 2017 година беше прогласен за виновен за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства поврзани со војната во Босна и Херцеговина, вклучително и масакрот во Сребреница.
Неговата смрт повторно ги отвори прашањата за неговото наследство и за односот кон неговата улога во војната во Босна и Херцеговина. Додека дел од српските националистички кругови го слават како воен херој, жртвите и организациите што ги претставуваат продолжуваат да го посочуваат како одговорен за најтешките злосторства извршени во текот на војната.

