Самит за Западен Балкан со очи свртени кон Украина и Молдавија

Западен Балкан

Во Тиват на јадранскиот брег се собраа шефовите на држави и влади на Европската Унија и шест балкански земји кои сакаат да се приклучат кон ЕУ, но најчесто чекаат со години да се приклучат кон блокот.

Затоа, Германија и Франција имаат намера да започнат нова иницијатива на самитот во Тиват, насочена кон забрзување на процесот на пристапување. Како што објави германската агенција ДПА, двете земји, во заеднички документ, се обврзуваат да преземат почетни чекори кон интеграција дури и пред да се добие полноправно членство, со цел да се создадат стимулации за реформи. Исполнувањето на специфичните критериуми за пристапување ќе биде наградено, на пример, со привилегиран пристап до единствениот пазар на ЕУ или назначување набљудувачи во институциите на ЕУ. Таквиот пристап е наменет и за Молдавија, која граничи со Украина, пишува Дојче Веле.

За самата Украина, Мерц првично предложи, пред две недели, „асоцијативно членство“ – во суштина форма на „лесно членство во ЕУ“. Таа земја, која во моментов е нападната од Русија, го отфрла таквиот пристап и инсистира на брзо, полноправно членство.

Германската агенција нагласува дека иницијативата на Мерц во врска со Украина треба да се гледа одделно од заедничкиот германско-француски напор во врска со Западен Балкан.

Тензии меѓу Србија и Црна Гора

Сепак, постојат постојани тензии меѓу земјите од Западен Балкан, а оние меѓу Србија и Црна Гора ескалираа пред самитот во Тиват, според агенцијата АФП, која известува дека во среда (3 јуни) црногорската полиција го вратила авионот во кој наводно се наоѓале поддржувачи на српскиот претседател Александар Вучиќ. Таа како причина навела загриженост за „внатрешната и националната безбедност“.

Потоа, се појавија извештаи дека црногорските граѓани се соочиле со значителни доцнења при влегувањето во Србија поради безбедносни проверки или дури и им бил целосно одбиен влезот.

Покрај тоа, разузнавачката служба на Србија го советувала претседателот Вучиќ да не присуствува на самитот, наведувајќи ги како причина „непријателските активности на странските разузнавачки служби и криминалните кланови во Црна Гора“. Агенцијата известува дека српската служба предупредила дека Радоје Звитер, наводниот водач на една од најголемите црногорски криминални банди, може да биде во земјата во моментов. Српската разузнавачка служба ги обвини црногорските власти дека не го обезбедуваат соодветно самитот.

Сепак, претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, на заедничката прес-конференција со Вучиќ во Белград во четврток (4 јуни) изјави: „Имаме целосна доверба во црногорските власти“.

Специјален состанок со Вучиќ на маргините на самитот

Во меѓувреме, Вучиќ пристигна на самитот. Заедно со другите лидери, тој присуствуваше и на свечената вечера организирана од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и премиерот Милојко Спајиќ. Бројот на полициски патроли и контролни пунктови е зголемен во Тиват.

Претседателот на Србија не учествуваше на прославите по повод 20-годишнината од независноста на Црна Гора, што се одржаа на 21 мај. Во врска со неговото учество на самитот ЕУ-Западен Балкан, тој рече дека патува таму не по покана на владата во Подгорица, туку по покана на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Според извори на агенцијата АФП од германската влада, на маргините на самитот во Тиват е планирана заедничка средба на Мерц, Кошта, фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон со Вучиќ.

Најчитано