Силен ветер и грмотевици погодија некои делови од источна Словенија во саботата навечер, при што ветерот собори неколку дрвја, додека метеоролозите повторно најавуваат можност за посилни бури за ова попладне и вечер, особено на североистокот од земјата. Словенечката агенција за животна средина (ARSO) предупредува дека последниот ден од метеоролошката пролет ќе донесе попладневни врнежи од дожд и грмотевици, кои повторно ќе бидат поизразени на североисток, каде што е на сила портокалово предупредување за времето.
Жолто предупредување е на сила во внатрешноста на земјата, јавува РТВ Словенија.
Зголемена веројатност за грмотевици се очекува и на брегот во текот на ноќта. Дежурниот синоптичар на ARSO, Бране Грегорчич, изјави дека најголема енергија за развој на бури ќе има токму на североисток, каде што посилните бури можат да се движат од правецот на австриска Штаерска кон словенечка Штаерска и Прекмурје.
Според него, утре наутро се очекува доаѓање на студен фронт, кој ќе донесе дожд и грмотевици на југ. Во текот на денот, врнежите постепено ќе престанат, со делумно разведрување и можност за краткотрајни врнежи од дожд или грмотевици во попладневните часови, истакна Грегорчич.
Tako je včeraj dopoldan veter odnesel streho na eni od hiš v Vinski Gori, pri Velenju.
— Meteoinfo Slovenija (@MeteoinfoSi) March 28, 2026
Foto: Maja Ivanuša pic.twitter.com/mZmUXQFnoQ
Словенечките метеоролози најавуваат дека почетокот на метеоролошкото лето носи променливо време, со поминување на три фронтални системи во понеделник, среда и петок. Силните ветрови и бури синоќа веќе предизвикаа 19 интервенции во неколку региони, вклучувајќи ги Целје, Љубљана, Марибор и Словењ Градец.
Пожарникарите интервенираа за гаснење на пожарот и отстранување на паднатите дрвја од патиштата и електричните и телекомуникациските водови.
