Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека европската комесарка за проширување Марта Кос ја имала на ум Србија кога зборувала за земјите што би можеле да станат „тројански коњи“ во Европската Унија, пренесуваат медиумите во Србија.
„Марта Кос наскоро треба да дојде во Белград“, рече Вучиќ за време на посетата на Парчане, во близина на Варварин. Тој додаде дека според него „нема сомнение“ дека Кос мислел на Србија.
Српскиот претседател упати и остра забелешка за европската комесарка.
„Да бев циник и малку непристоен, би рекол дека Марта Кос би сакала да види овци отколку коњи, но не сум и нема да го кажам тоа“, додаде Вучиќ. Тој истакна дека ЕУ има право да се брани и дека Србија ќе продолжи да го следи својот европски пат.
„Нека си ја работат својата работа. Не им требаат тројански коњи или нешто слично. Тие се доволни сами за себе. Им посакувам се најдобро. Ќе продолжиме по европскиот пат, ќе растеме и ќе се развиваме побрзо, ќе имаме добри земјоделци, повеќе деца и Србија ќе напредува побрзо“, рече српскиот претседател. Вучиќ додаде дека не знае точно кога Марта Кос ќе го посети Белград. Тој исто така рече дека не очекува наскоро да се отвори нов преговарачки кластер со ЕУ.
Неговата изјава беше реакција на коментарите на Марта Кос за потребата Европската Унија да има гаранции дека идните членки нема да се претворат во внатрешни „тројански коњи“.
Српскиот претседател коментираше и за односите со Хрватска, уште еднаш наведувајќи дека претседателот на хрватскиот парламент Гордан Јандроковиќ зборувал за намера да ги информира западните сојузници за модерното офанзивно оружје што го има Србија.
„Велам, благодарам. Ќе продолжиме да работиме на одбраната и одвраќањето на потенцијалните агресори“, рече Вучиќ.

